ЕДИТОРИЈАЛ
Празници за поделби
Александра М. Митевска
Многу енергија потрошија партиите од власта и од опозицијата „пукајќи“ едни во други на 11 Октомври - денот кога пред 69 години пукнала првата партизанска пушка против фашистичкиот окупатор. За среќа, новата битка заврши без човечки жртви, освен што настрадаа добриот вкус и очите и ушите на публиката, на која силните пукотници од партиските упоришта и' го расипаа мирот на празничниот ден.
Но, празниците во Македонија и онака веќе подолго време не се она што беа. Датумите кои, според некое непишано правило, би требало да ја сплотат нацијата и да потсетат на минатото, овде се добар повод за партиите да соберат ситни политички поени, да го истурат целиот бес врз политичкиот противник и да ја извалкаат историјата. Така беше и на Илинден и на 8 Септември, веројатно, така ќе биде и на следниот празник - 23 Октомври.
Меѓутоа, овој 11 Октомври, се чини, достигна кулминација меѓупартиската битка за докажување, во случајов, за тоа кој повеќе им е посвет��н на придобивките од антифашистичката борба. Единствена светла точка во таа беспоштедна битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, можеби, е тоа што, конечно, му се оддаде признание на датумот кога почна организираниот отпор на македонскиот народ против фашизмот. На датумот на чие значење во последните дваесетина години често се забораваше поради новите светли датуми и новите празници што се востановија, но и поради контроверзиите што го следат претходниот систем, по раскрстувањето со него.
Овој пат социјалдемократите решија да не биде така. Одлучија да и' укажат на власта дека неправедно се запоставува еден битен период од македонската историја, дека се релативизира значењето на НОВ. Така, опозиционерите си доделија партизански улоги и и' објавија востание на власта, која, пак, се чини, сериозно ја сфати окупаторската ролја што и' ја наметнаа политичките противници. Вмровците направија се' за да го „задушат“ опозициското востание. Дури и прв пат, по две децении самостојност, положија венец на Спомен-костурницата во Куманово!
Повозрасните, можеби, ќе се сетат дека Македонија не памети толкава мобилизација по повод Денот на востанието уште од претходниот систем, од времето кога бевме дел од југословенската федерација. Само што во согласност со сите промени што се случуваа во изминатите две децении, тогашното братство и единство сега го замени неединство по сите основи и за повеќето историски датуми и личности...
Доцна се сети премиерот Никола Груевски да повикува на национален фронт. Македонското општество одамна е расцепкано по сите рабови. Поделено е на македонски и албански политички блок, на бугарофили и србомани, на предавници и патриоти, на антички и словенски Македонци, на транзициони профитери и жртви на транзицијата, на кодоши и жртви за каузата...
Оштетените бисти на хероите од Втората светска војна, наспроти мноштвото нови споменици на јунаци од подалечното минато се само една од многуте контрадикторности што сведочат за нашите поделби, покрај руинираниот Участок во Прилеп и заборавената Спомен-куќа во Куманово... Тој синдром тешко може да се избрише со една громогласна прослава на еден светол историски датум. За тоа е потребно многу повеќе. За почеток можеби добро би ни дошло малку тишина, малку одмор од партиските мегафони, за да им се оддаде должна почит на заслужните и да се акцентира значењето на придобивките. За тоа служат празниците, а не за кревање востанија, не за организирање протести пред опозицискиот штаб, не за пласирање анкети на јавното мислење... Сите овие работи се легитимни форми на политичко дејствување, но за нив има доволно делници! |