Годишнина
Три години без Тоше
Под мотото „Милион срца, една молитва за Тоше“ во Македонија и надвор од неа обожавателите на Тоше Проески, в сабота (16 октомври), ќе ја одбележат тригодишнината од смртта на големиот пејач, кој загина во сообраќајна несреќа во близина на Нова Градишка, Хрватска.
Како што информираат од интернационалниот фан-клуб форум „Тоше Проески“ в сабота во родното Крушево на Тоше се поканети сите негови почитувачи заедно да ја одбележат тригодишнината. „Одбележувањето ќе започне во црквата ’Св. Богородица’, потоа ќе се посети вечниот дом на нашиот непрежален Тоше, по што ќе се одржи осветување на триесет и триметарскиот крст кај манастирот ’Св. Преображение’, и на крај се' ќе заврши со ручек за сите присутни гости во конакот на манастирот. Доколку не можете да бидете во Крушево, ние како фан-клуб организираме повеќе литургии исто како минатата година во повеќе градови во Македонија и надвор од неа“, велат фановите на Тоше.
Литургиј��та во спомен на Тоше во Скопје ќе се одржи во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ в сабота со почеток во 14,30 ч и во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ (18 ч.). Фановите во Белград ќе се соберат во малата црква покрај храмот „Св. Сава“ (18, 30 ч.), во Софија во црквата „Св. Седмочисленици“ (13 ч., по бугарско време), Љубљана – Раковник, 10 ч., Рогашка Слатина - 18 ч., Загреб - црква „Св. Рок“, 10 ч. и Сараево, храм „Св. Сава“ со почеток во 11 ч.
Платан со името на Тоше
Како дел од активностите за одбележување на тригодишнината од смртта на Тоше, членовите на интернационалниот фан-клуб најавуваат и учество во белградската акција за засадување 483 платани на булеварот „Краљ Александар“, како дел од акцијата „Дар за булевар - знак дека го сакаме Белград“.
„Знаејќи колку Тоше ја сакаше природата и беше свесен за потребата од нејзино зачувување, одлучивме во негово име да бидеме едни од донарите во акцијата за засадување 483 платани во Белград. Платанот е стогодишно дрво и тој наместо нас ќе биде чувар на споменот на Тоше“, додаваат неговите фанови.
Откривање споменик на Тоше во Нова Градишка
На денот кога се одбележуваат три години од смртта на Тоше Проески во Нова Градишка, Хрватска, ќе биде откриен споменик во чест на трагично загинатата пејачка ѕвезда. Споменикот ќе биде поставен на пет метри од местото каде што полета хеликоптерот со посмртните останки на Тоше, односно во дворот на блиското средно училиште. По тој повод, во Нова Градишка истиот ден, во 20 часот, ќе биде организиран и концерт на кој ќе настапат Наум Петрески, Нина Бадриќ, Антонија Шола... Истовремено оттаму ќе тргнат и маратонците од Македонија, кои преку Белград и Скопје ќе пристигнат во Крушево. (К.Ш.)
|