Мислења
Лелек
Драган Поповски
„Чувај ме Господе од српското јунаштво и од хрватската култура“, рече Крлежа. Јас би додал „и од македонското лелекање“!
„Чувај ме Господе од српското јунаштво и од хрватската култура“, рече во една пригода Крлежа. Јас би додал „и од македонското лелекање“.
„Пискотници се слушаат од Галичник до Река...“ се' уште ни ѕвонат во ушите стиховите на Прличев, веќе сто и педесет години. И тоа со акцент на „пискотниците“, а помалку на литературното значење на поемата на големиот преродбеник. Во наметнатата меморија доминира плачот на беспомошниот македонски селанец згазен од крволочните качачки банди. Кој, воопшто, ќе размислува за поемата, за структурата на стихот, за уметноста во неа! „Пискотниците“ се тие што остануваат.
„Жална и тегобна ни била нашата судбина низ вековите“. Уште од четиринаесетте илјади ослепени на Самоил. Тажно! Но, помислиле ли оние што ги оплакуваат дека тоа е она што го носат војните. (Белким не мислат дека и Самоил го освојувал Балканот со песни и игри). Па, потоа дошло петстотинигодишното турско ропство. Палежи, убиства, силувања, данок во крв. Тажно! Но, никаде не сум сретнал ништо друго што би требало да остане во меморијата освен злото и плачот. Белким не сме плачеле цело време, петстотини години, сепак, се многу, би било премногу мазохистички. Се дружеле ли тие луѓе понекогаш, си помагале ли во неволја, си ги мешале ли културите. (Цела Далмација е горда на трагите од ренесансата што ги оставиле млетачките владетели. Никој таму не спомнува за тешкиот живот под туѓата власт. Го паметат само она доброто што останало и се гордеат со тоа како дел од својата култура). Па, имале ли тие „клети Турци“ и некој писател, сликар, музичар, математичар, архитект кој, исто така, можеби оставил некоја трага во развојот и на нашата култура? Немало! А, и да имало, се заборавило. Во меморијата останале само плачот и лелекот.
Слушајќи го говорот на претседателот на годишнината на АСНОМ, го забележав повторно овој наш синдром на лелекање над клетата судбина. Говорејќи за Ченто, првиот претседател на АСНОМ, акцентот го стави на неговата зла судбина, како подоцна, прогонуван од властите, трагично умрел. Тажно! Но, не слушнав ништо повеќе од тоа. Напишал ли Ченто нешто, организирал ли нешто, како воопшто дејствувал, колкава е неговата лична трага во нашите животи? Ништо! Па, не бил белким само претседател туку-така и ништо повеќе од тоа. Но, и да бил, не е важно, важно е дека страдал. Плач!
И, размислувам, за хероите од НОБ ми останало во сеќавање само тоа дека биле херои и оти по долго мачење биле фрлани низ прозорец. Тажно! Но, не останало ништо за нивните херојства, се бореле ли, фрлале ли бомби, имаат ли нешто напишано. Ништо! Останал да се памети само нивниот маченички крај. Или, вечното прашање: „Кој го уби Рацин“, што најчесто го поставуваат оние што не прочитале ниту еден негов стих. (Стиховите се здодевна категорија; Ај’ да ни биде тажно, да позборуваме за неговиот трагичен крај!)
Да погледнеме малку во современието. Ни се полни душата слушајќи ги сочувствата од секоја страна за неправдата со која се соочуваме со соседна Грција. И тоа како да ни е доволно, се топиме во сожалувањето. И, место да бараме решение за проблемот - гордо плачеме. Клета судбина!
И, да се вратам повторно на Крлежа. Додека Србите секогаш живееле опиени со своето „небесно“ јунаштво дури и во поразите, а Хрватите се гордееле со нивната „тисучљетна“ култура, која и не била секогаш само нивна, нам, и по сите вековни јуначки борби за самобитност, и по сите вековни длабоки траги што сме ги оставиле во светската култура и писменост, ни останува само лелекот како единствено сеќавање. Е, ова е навистина веќе тажно! Факт е дека не сме биле миленичиња на судбината, но секојдневното навраќање на тоа не ни помага во животот. Напротив, се исполнуваме со горчина. Не успеваме, онака натажени, да се израдуваме веќе и на најмали работи. Понекогаш помислувам дека тоа веќе претставува своевиден синдром.
П.С. Пред извесно време на некоја од телевизиите фатив еден филм. Станува збор за тема за холокаустот од Втората светска војна, за страдањата на едно дете и негов повозрасен роднина поминати низ нацистичките логори. На нивната разделба си ветија никогаш да не ги заборават грозотиите што ги поминаа заедно. При нивната средба, многу години подоцна, согледувајќи го кошмарот што го обележале целиот живот на малото детенце, повозрасниот промрморе: „Погрешив што ти реков ’запомни‘; требаше да ти речам ’живеј“!
(Авторот е карикатурист) |