Поглед
Данок на асфалт
Горан Адамовски
„Младиве брзо возат, не почитуваат ни закон ни пропис“, „море, автошколите се виновни, на сите им даваат дозволи од ракав, оти ако туркаат - после никој нема да им оди во автошколата. Во наше време кога се полагаше за возачка дозвола - требаше да возиш како професионалец за да положиш“, „а се' нови коли испокупуваа, се прават фраери“...
Ова се трите муабети што, веројатно, нема кој не ги чул во земјава, каде што на патиштата се гине како во војна. Деца, млади, стари, искусни возачи, почетници, пешаци, трактористи, велосипедисти, моторџии... Смртта не прави разлика.
Дали се возело пребргу, дали не се почитувале знаците, дали непрописно се возело, дали се возело под дејство на алкохол, дали возилата биле нови, дали патиштата биле стари - фактите зборуваат дека секоја година патиштата во земјава земаат во просек по 180 животи.
„Бројот на жртвите на патиштата е за четири и пол пати поголем од билансот на најтешкиот облик на криминалот - убиствата“, велат од МВР.
Полицијата најави зголемување на контролите на патиштата, да се види кој како вози и колку возилата се технички исправни. Детектираните 169 црни точки низ земјава требаше да се ублажат, а според најавите, најпрво требаше да бидат отстранети несоодветно поставените билборди крај патиштата и осветлување на раскрсниците низ населените места и на патиштата.
Возачите, пак, освен што постојано се жалат на лошите патишта, слабата инфраструктура, недоволната сигнализација, необележаноста со соодветни знаци - мора да почнат да мислат и на својата безбедност, како и на животите на другите учесници во сообраќајот.
Ова треба, она треба. Дајте луѓе, секој нека почне да го работи својот дел од задачата - оти изгинавме. |