МВР ќе ги расчисти пасошите до февруари
Од ноември ќе стартува поместувањето на термините, а до февруари е планирано да се издадат уште 50 илјади пасоши
Даниела Трпчевска
Министерството за внатрешни работи планира да ги расчисти сите закажани термини за нови биометриски пасоши до февруари идната година. Обемниот потфат за поместување на термините за речиси 50 илјади апликанти, кои сакаат да ги заменат старите патни документи со нови, треба да започне од ноември. Во меѓувреме, операторите на Кол-центарот ќе треба да им се јават на граѓаните и да им понудат нови термини за вадење на документите. Според анализите на МВР, во план е сите термини да се распоредат до февруари идната година, а апликантите што допрва ќе се јават во Кол-центарот, слободен термин за вадење пасош би можеле да добијат во март 2011 година. Доколку се остварат прогнозите на Министерството, дел од апликантите ќе ги добијат биометриските пасоши и една година порано од очекуваното.
„Поместувањето на термините се очекува да стартува од ноември. Договорот меѓу МВР и Кол-центарот треба да биде потпишан наскоро, по што операторите ќе им се јавуваат на граѓаните за да им понудат нови термини“, вели помошник-министерот за информирање, Иво Котевски.
Моментално се преговара за висината на сумата што ќе треба МВР да ја исплати на фирмата задолжена за Кол-центарот за да се намират трошоците за телефонските повици за презакажување на термините.
„Кол-центарот веќе од наредната недела е во план да им се јавува на граѓаните и да им понуди нови термини. Планот е да се примени линеарен систем, односно тие што имаат веќе закажани термини во јануари, да им се поместат термините за еден месец понапред. Најголеми поместувања ќе има кај оние што добиле термини за крајот на 2011 година. Тие би требало да ги добијат документите 10 месеци понапред од планираното“, вели Котевски.
Според него, се очекува сите термини на тој начин да се поместат до февруари 2011 година, а тие што допрва ќе закажуваат, ќе можат да аплицираат во март идната година.
Со тоа веќе од ноември повторно се очекува да се вратат турканиците и притисокот во пасошките одделенија на МВР, каде што според сегашните процени, низ шалтерите треба да поминат уште 50 илјади граѓани.
За да им се излезе во пресрет на граѓаните, во МВР најавуваат дека ќе бидат пуштени нови базни станици и ќе биде направена прераспределба на вработените за да се забрза целата процедура.
Согласно со законските одредби, сите граѓани се должни до 2012 година да ги заменат старите пасоши, лични карти и возачки дозволи, со нови биометриски документи. По февруари 2012 година, старите документи излегуваат целосно од употреба. Во изминативе три години се издадени околу 940 илјади биометриски пасоши, околу 850 илјади лични карти и над 260 илјади возачки дозволи. |