Карлови Вари
„Балканот не е мртов" на 8. Works in Progress
22.06.2011, 15:24
Филмот „Балканот не е мртов" во режија на Александар Поповски, а во продукција на "Кино око", влезе меѓу новите филмски проекти од Централна и Источна Европа кои ќе бидат презентирани на 8. Works in Progress ("Работи во прогрес"), што ќе се одржи од 3 до 6 јули ро рамките на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка (од 1 до 9 јули). Станува збор за панел на кој продуцентите или режисерите на одбраните филмови, што се во постпродукција или во фаза пред комплетно да бидат завршени, можат да ги претстават своите проекти пред дистрибутери, продажни агенти или фестивалски организатори.
Самиот панел ќе се одржи на 4 јули, а претставувањето трае се' на се' осум минути. Во нив, како што ни објасни продуцентот Роберт Насков, е предвидено да се прикажат филмски клипови на ДВД во траење од пет минути, а во три минути треба да се објасни најважното околу проектот. Ако има заинтересирани, другите два дена се предвидени за индивидуални средби со дистрибутерите или агентите.
Филмот „Балканот не е мртов" беше одбран меѓу проекти од дури 20 земји кои имаат право да аплицираат. Во Карлови Вари филмот ќе го претстават продуцентите Роберт Насков и Роберт Јазаџиски и режисерот Александар Поповски. А за најдобриот проект предвидена е и награда од 30.000 евра и загарантирано учество на следното издание на фестивалот во Карлови Вари.
|