Витраж
Сликарите, музиката и книгите
Катерина Богоева
Сликањето на отворено на големо платно, во присуство на многубројна публика што истовремено ужива во концерт на класична музика и љубопитно следи како се создава ново ликовно дело, во Скопје веќе по четврти пат со право си зазема респектирано место во културното живеење на градот. И минатата недела, како и во трите претходни изданија на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, организирана од КИЦ и небото беше на страна на сликарите. Не им пушти ниту една капка дожд, туку им дозволи на белите платна да пренесат дел од своите светови. Навистина беше интересно да се набљудува како своите добри дела, ноќе, под рефлектори ги создаваа Касиопеја Наумоска и Томе Мишев, како и претходно, Симонида Филиповска Китановска и Нехат Беќ��ри. А пред нив, поединечно, и Сергеј Андреевски и Мирослав Масин.
Сместени еден спроти друг, со централната бина во средината на која свири оркестарот на Македонската филхармонија, сликарите ја стартуваат својата авантура на почетокот на концертот, а ја завршуваат со последните отсвирени ноти. Потоа публиката им приоѓа, ги фотографира платната, по нешто и ги прашува и задоволно заминува. Сликарите некое време остануваа со големите платна, со кантите боја, со четките, видно уморни, и со зракот во очите кој, без разлика на нивната творечка разноликост, може да се смета за неповторлив момент за поврзување.
„Самиот формат пред се претставуваше огромен предизвик, како и помислата дали ќе се совлада во релативно кусо време, бидејќи на ваква манифестација и се нема многу време за корекција, досликување, пресликувње. Сепак ова е едно доживување тогаш и во тој момент, во тие услови, многу публика, убава музика, позитивна енергија. Дури и разголување на самиот автор пред публиката, бидејќи најчесто јас сликам во своето ателје и овој процес е само мој, додека сликата не е потпишана и изложена“, откри дел од своите перцепции за специфичниот творечки чин, Касиопеја Наумовска на која и беше и чест да слика со својот пријател Томе Мишев.
Застанувајќи пред платното таа веќе не размислувала за времето за сликање. За неа постоеле само боите, публиката, музиката.„ Ако траеше концертот уште пет часа, мислам дека ќе сликав уште толку“, рече. А пред да го види платното, размислувала дали ќе го совлада форматот, дали ќе успее да го пренесе својот свет, што да соопшти преку него.
Убавината во создавањето на ваквите дела ја лоцира во совладувањето на форматот.
„Да се испробаш сам пред себе до кај си. Да се вгради наративноста во композицијата, треперењето на емоциите, линијата што пулсира се губи и надоаѓа низ целото платно, а со тоа да ги поврзе сите форми потенцирајќи ги фрагментите што треба да доминираат и да ја нагласат мислата и емоциите“.
За Томе Мишев таквата убавина лежи во чувството кое го крепи, дека публиката е на негова страна. „Предвиденото време за сликање, а уште повеќе, како да се совлада големата бела (голема и кога е многу мала) површина од платното, пред љубопитните погледи на многубројните присутни, истовремено значеше и предизвик. Воспоставувајќи силен контакт со музиката, дури и релативно краткото време за сликање како и неможноста големиот формат да го гледам во целина, за мене како автор кој се изразува експресивно преку бојата ,формата, линијата воден од чувствата при пренесувањето на сопствените емоции на платното, не претставуваше хендикеп. Напротив“.
Сергеј Андреевски, сликарот кој потенцира дека прави разлика меѓу секој свој настап пред публика и творештвото што пред истата публика го изложува, првиот чин на создавање го нарекува јавно себеизложување во процес на творење и го смета за многу возбудлив, атрактивен. „Тоа е чин кој што многу повеќе личи на таканаречениот „Л' Арт пур Л'Арт“(„Уметност заради уметност“). Значи, резултатот и не е толку важен, туку акцентот е ставен на самиот чин на создавање. На тоа колку тој чин на создавање го следи ритамот на музиката и дали тие двете, музиката и сликањето се едно случување сервирано на публиката која што покажа дека тој чин секогаш возбудено го дочекува“. Сликањето во ателје или природа, кога е сам, за него е повеќе интимно копање во себе. „Тоа не трпи импровизации, недоречености или секогаш тоа е едно поинакво претставување на личноста“.
Оние кои на „Види музика, слушни слика, добиј книга“ доаѓаат со намера само да земат книга и набрзина ги празнат полиците, не можат, а да не останат да чујат познати ноти и да видат нови ликовни светови. Во тоа е и моќта на трите споени елементи. |