Здравство
Препораки за заштита од високите температури
22.06.2011, 14:57
Да се избегнуваат какви било напорни активности (вклучувајќи и спорт и рекреативни активности за време на најжешкиот период на денот - од доцна наутро до доцна попладне), а во текот на топлите денови да се остане повеќе во затворени простории, пред се климатизирани или извесен период да се помине во најблискиот климатизиран трговски центар, да се носи светла и лесна облека, заштитни очила и капа, да се внесува помало количество храна (помалку мрсна храна), и повеќе течности.
Ова се дел од препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Република Македонија до граѓаните за заштита од високите температури.
Оние кои поради болест треба да избегнуваат повеќе течности за истото да се консултираат со матичниот лекар. Поради високите температури граѓаните треба да избегнуваат консумирање алкохолни и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци или поголеми количини шеќер, а при неопходен престој на отворен простор да најдат можност за почести одмори под сенка.
При привремено излегување од возилото се препорачува да се отвори прозорецот и да се овозможи вентилација и да не се остава никого во возилото. Посебно внимателни треба да бидат хронично болните, особено оние со болести на срцевосадовиот систем, невролошките и белодробните болести, кои треба редовно да ја земаат препишаната терапија и за сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат матичниот доктор.
Министерството за здравство информира дека подготвени се сите здравствени институции за брза реакција. Во насока на што подобра и навремена подготвеност на здравствените установи, Владата на предлог на Министерството уште во февруари годинава го усвои Акционениот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, а основна цел што треба да се постигне со донесувањето на овој план е да се намалат здравствените проблеми и смртноста предизвикани од топлотните бранови, стои во соопштението од Министерството.
Целта на планот е да се овозможи мултисекторски пристап во одговорот на влијанијата на екстремно топлото време, преку навремени акции од страна на сите институции наведени како одговорни во рамките на планот.
|