Јужнокорејците, сепак, знаат нешто за фудбалот
Кога Јужна Кореја и Јапонија успешно одиграа на светското првенство 2002 година, кое самите го организираа, светот се дивееше на далекуисточниот фанатизам, но сето тоа повеќе се разбираше како плод на домаќинството, а не на некој објективен квалитет.
Но, ете осум години подоцна Јужна Кореја е повторно во втората фаза, благодарејќи на нерешените 2:2 со Нигерија (Уче во 17 мин. и Јакубу од пенал во 69 мин. за Нигерија - Ли во 38, Парк во 49 за Кореја) и, секако, победата на Аргентина над Грција од 2:0.
Уште во првото коло Јужна Кореја ја совлада Грција и покажа дека има сила и знаење да оди натаму. Иако, потоа загуби од фаворизираната Аргентина, против Нигерија го извлече потребниот бод. Вистина Корејците имаа многу среќа, но таа, нели, ги прати храбрите.
Рапидниот раст на квалитетот на јужнокорејскиот фудбал започна со доаѓањето на Гус Хидинк за селектор. Токму тој ги водеше и ги одведе до полуфиналето на СП 2002 година (загубија од Германија), а дотогаш беа сметани за топовско месо. Сега на селекторската клупа е Хух - Јунг - Мо, кој играше на СП 1986 година во Мексико.
Тој ја вметна во репрезентацијата и европската тактичност, која добро се надополни на нивниот хипнотизирачки ритам. Лидер на тимот е Парк, ѕвездата на Манчестер јунајтед.
„Ова го сакавме. Нашата цел беше да влеземе меѓу 16 најдобри. Среќни сме што успеавме во таа намера, иако играме далеку од нашата татковина. Прв пат во историјата го остваруваме тој подвиг надвор од нашата земја и пресреќни сме поради тоа“, изјави Парк.
Од друга страна Нигерија може само да жали што несреќно си оди дома. Шведскиот стручњак Ларс Лагербек во право е кога кажа дека Нигерија заслужила многу повеќе на овој Мундијал.
Сигурно долго ќе го будат Швеѓанецот од сон шансите на Јакубу и онаа на Обафеми Мартинс при резултат 2:2. Таа на Јакубу беше пред пеналот со кој Нигерија израмни на 2:2 и дефинитивно ќе отвара и затвора многу шпици и прилози за невозможното. Како што пишуваат англиските медиуми „дури и кога знаете дека промашил, откако неколку пати ќе ја погледнете снимката, очекувате дека ќе даде гол од два метри“. Несреќниот напаѓач на Евртон веднаш стана предмет на шега.
„По мечот случајно беше избран за рутинска допинг контрола, но во неговиот случај не може да станува збор за случаен избор - мора да бил на нешто за онака да промаши гол“.
Трагедија за 27 годишниот Јакубу, кој во Портсмут, Евертон и Мидлсборо има постигнато 101 гол во 263 настапи, а за Нигерија во 55 настапи 21 гол. Шансата, пак, на Мартинс беше решавачки момент. Можност за пласман во втората фаза, но Мартинс шутираше покрај голот.
„Многу сум разочаран. Убеден сум дека заслуживме многу повеќе на овој Мундијал. Имавме многу шанси против Кореја. Успеавме да се вратиме по нивното водство од 2:1, но не и да победиме. Сеедно, им честитам на моите играчи, бидејќи играа навистина добро и дадоа се до себе“, кажа селекторот Лагербек.
Се удавил прославувајќи го успехот
Момче од Јужна Кореја се удавило во Сеул откако скокнало во река да го прослави пласманот на националниот тим во осминафиналето на Светското првенство во Јужна Африка.
Нигерија и Јужна Кореја одиграа 2:2, што му овозможи на азискиот тим пласман во нокаут-фазата.
Тој 20-годишен студент по завршувањето на мечот со три пријатели скокнал во реката Хан, која минува низ Сеул. Пријателите набргу излегле од водата, но тој не успеал.
Полицијата соопшти дека студентот бил пренесен во болница, но починал.
|