ЕДИТОРИЈАЛ
Универзитетско беззаконие
Билјана Јовановска
Обвинувањата што си ги разменија министерот за образование, Никола Тодоров, и директорот на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, од една страна, и струшкиот градоначалник и сопственик на приватниот универзитет, Рамиз Мерко, од друга, укажуваат дека во високото образование работите се далеку од добри. Власта посочи три универзитети - два при��атни - Меѓународниот во Струга, Њујорк колеџот во Скопје и - Државниот тетовски, во кои, според инспекторите, врие од беззаконие, неправилности, нелегално вработени професори... Збрки колку сакаш.
Дали обвинувањата имаат реална основа или, како што тврди Мерко, зад нив се крие обична партиска хајка и штитење на лични и туѓи интереси, е прашање со кое надлежните органи сериозно ќе треба да се позанимаваат. За да се утврди дал, навистина во заднината на целата прикаска е застанувањето во одбрана на интересите на еден друг приватен универзитет на кој министерот Тодоров магистрирал или тоа се само обични пукања во празно. А, на струшкиот градоначалник токму Тодоров му беше повод јавно да побара од премиерот Никола Груевски да го разреши, бидејќи ја злоупотребувал функцијата.
Не помала тежина има и податокот што исто го обелодени градоначалникот Мерко. Првиот човек на Струга тврди дека власта, односно директорот на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, врз него вршеле политички притисок.
Сопственикот на Меѓународниот универзитет во Струга посочува - на 18 февруари во неговиот кабинет дошол Арсов и директно му се заканил - ако од градоначалничката позиција не влијае да се прифати одлуката на Владата Албанчињата од прво одделение да го изучуваат македонскиот јазик, тие, односно власта, ќе ги затворат албанските паралелки во Подгорци, а реперкусии ќе има и неговиот приватен универзитет!
Доколку сево ова е точно, се поставува прашањето - зарем коалицискиот брак меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ толку чкрипи, па дојдоа дотаму преку инспектори си упатуваат вакви „поздрави“. Или во прашање е нешто друго. Зашто, Рамиз Мерко, иако е член на ДУИ, сепак, дејствува како партија за себе.
Што се случува по нашите државни и приватни универзитети, дали навистина тие се собиралиште на незавршени средношколци од Косово и од Албанија, кои овде со прескокнат еден степен на образование ќе се здобијат со факултетска диплома? Се посочуваат и нелегално ангажирани професори, кои без одобрение од своите матични факултети, главно, на државните универзитети, трчаат по дебели хонорари, и покрај забраната за седење на две столчиња. Конечно, како може за едни државни професори оваа забрана да важи, а други ни мува да не ги лази? Кој ги толерира, кој го штити нивниот грб?
За просветните инспектори има полни раце работа, бидејќи јавна тајна е дека на нашите универзитети одамна нешто смрди. Ама се знае, исто така, дека некои универзитетски прагови тие не ги пречекоруваат ни на сон, особено новоотворените државни, за кои и врапчињата знаат дека се галеничињата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и таа ги гледа како свои деца.
Дури и да се точни сите беззаконија што ги открил Просветниот инспекторат на Меѓународниот универзитет, како било можно со нив да се занимаваат, како што вели, цела година? Да толерираат беззаконие и хаос, а јавноста да ја бомбардираат со слоганите „знаењето е сила, знаењето е моќ“, иако е јасно дека силата и моќта се единствено во портокаловите партиски книшки. И во ништо друго. |