ЕДИТОРИЈАЛ
Фудбалот на респиратор
Сашко Ѓ. Димовски
Македонскиот клупски фудбал тоне ли тоне. Немаме квалитет, имаме празни трибини, немаме здружение, имаме незаштитени фудбалери. И згора на тоа сме на удар од меѓународните асоцијации, континенталната УЕФА и планетарната ФИФА.
Прилепска Победа е избришана од фудбалската мапа за наредните осум години, во првата лига догодина ќе нема уште два поранешни шампионски клуба, Македонија Ѓорче Петров и Слога Југомагнат. Зачудува што по сето ова никој не сака да говори во кој правец, за кого и како се тркала буба-марата кај нас. Никој официјално не се произнесе за овие драматични одлуки на ФИФА и УЕФА ниту од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ниту од фудбалскиот клуб Победа.
„Секоја одлука на ФИФА и УЕФА, како претседател, сум должен да ја почитувам и спроведам“, вели Харалампие Хаџи-Ристески, прв човек на ФФМ, и тоа е единственото нешто што јавноста го слушна и прочита, барем, засега.
Но, тоа во ситуацијата не е доволно. Претседателската фотелја во ФФМ и фактот дека не е дел од ниту еден фудбалски колектив во моментот не го аминува од одговорност, без разлика каква е таа и колкава е. Ударот што го доби фудбалот е сериозен и силен. Заврши во неговиот роден град, кај клубот, кој го лансира на избори за фудбалски премиер.
Казните од УЕФА и ФИФА треба да делуваат отрезнувачки, а не дополнително да опијанат и во таква ситуација да се претставуваме како жртви на светски заговор или да бараме алиби дека се лажира и во останатите земји. Оти ако се возиме по ова второто за некое време во Македонија нема да се игра фудбал. Точно е дека Победа е првиот клуб во светот врз кој е изречена толку строга санкција. Малку чуди, а многу боли, што таа се однесува и за домашното првенство. Но, што понатаму?
Држи тезата на познатиот спортски новинар, Зоран Михајлов, дека преку случајот Победа се отсликува рејтингот на државата надвор од нејзините граници. ФФМ немаше потреба да чека абер и од ФИФА. Ќе беше морално и доблесно ако сама повлечеше потег и го испратеше клубот во понизок натпреварувачки ранг на година-две-три. Според многумина, во таков случај прилепчани ќе куртулеа од осумгодишна пауза.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) мора да почне да го расчистува домашниот фудбалски двор. Војната со т.н. фудбалски работници, кои се научени само да кукаат без разлика кој е на чело на ФФМ, да ја води без сентименталност, да ги користи сите средства кои и' стојат на располагање и да ја водат фронтално, никако селективно. Само со решителност и одлучност може да се искорени сето зло што се заканува да го уништи македонскиот фудбал. Во спротивно, се поставува прашање зошто се реновираат и градат стадиони кога фудбалот уште долго нема да се опорави од нокаутот затоа што и не ќе има кој да го рехабилитира.
А, тие, фудбалските работници ќе си го гледаат само личниот интерес, ќе си ја туркаат сезоната дома, ќе излезат во квалификациските рунди за Лигата на шампиони или Лига Европа, ќе земат некое евро и толку. Притоа нема да вложат ниту едно евро во инфраструктурни работи. За подигнување стадион е смешно да се помисли. Тие, пак, на кои нешто се работи, во најголем број случаи добиваат освежен лик благодарение на пари од УЕФА по разни програми, а не со средства на клупските управи. За резултати и не се говори.
Експресните збогувања со Европа најчесто се правдаат дека противниците имаат поголеми буџети, имаат повеќе традиција, поквалитетни мечеви во нозете. Тоа повеќе никој не го интересира. Она што најмногу ја интересира јавноста е чист фудбал, екипи со натпреварувачки дух, неизвесно првенство, конкурентност за меѓународна сцена. |