Франција ги враќа маорските глави
ПАРИЗ - Францускиот парламент гласаше за враќање на мумифицираните глави на најмалку 15 воини Маори во Нов Зеланд. Главите, земени од европски истражувачи во 18 и 19 век, сега се изложени во неколку музеи во Франција.
Одлуката значи крај на повеќегодишните дебати и е дел од поширока дискусија во САД и во Европа за враќање на артефактите што биле земени неколку векови порано. Маорите верувале дека со зачувување на главата се одржува во живот дух на оној кому му припаѓала главата. Но, тие станаа егзотични колекционерски парчиња во Европа во 19 век, при што музејските претставници истакнуваат дека некои мажи можеби биле убиени поради нивните тетоважи.
Пратениците во Франција речиси едногласно го поддржаа нацрт-законот за враќање на тетовираните глави, некои се' уште со прицврстени делови од коса и заби, во нивната матична земја. За прв пат француското законодавство дозволува да се врати цел оддел на музејски артефакти.
Катрин Морин-Десаили, пратеничка, која го предложи нацрт-законот, вели дека тоа ја покажува заложбата на Франција за човековите права. „Некои работи се над уметноста и треба да останат свети“, изјави таа за „Асошиетед прес“.
Критичарите изразија загриженост дека тоа би можело да значи нов преседан и ризик за други колекции. Пита Шарплес, министер на Нов Зеланд за прашања за Маорите, рече дека одлуката е „од големо значење“. „Маорите верувале дека со враќање на нивните предци во својата матична татковина, се обновува нивното достоинство и тие можат да почиваат во мир кај нивните семејства“, додаде тој.
Главите ќе бидат испратени во музејот „Те папа“ во главниот град на Нов Зеланд, Велингтон, а потоа ќе бидат вратени на племенските групи за да бидат погребани. (Би-Би-Си) |