Писмо од Лондон
„Историски“ избори
Томислав Ивановски
Без разлика коЈ прв поЧна, Британците се наЈдоа во долга, буЧна, на моменти и прегруба кампања, со многу средби и митинзи, на краЈот дури и во текот на ноЌта
ЛОНДОН - Кога ова писмо ќе стигне во Скопје, британските парламентарни избори ќе бидат завршени и ќе се знае победникот. Можеби нема да се знае кој ќе биде и премиер, но политичарите ќе почнат да се справуваат со состојбата што ќе им ја остават гласачите со своето определување кому да му ја дадат довербата на овие избори, за кои некои велат дека се историски, други дека се судбински, а трети дека се одлучувачки за државата. Луѓето однадвор се' уште ја гледаат Велика Британија како пожелно место за подобро и побогато живеење, па имигрантите продолжуваат да притискаат на нејзините граници, барајќи влез за себе. За домаќините, меѓутоа, било да се родени овде или да се натурализирани Британци, државата во која живеат има сериозни проблеми за решавање, затоа што се наоѓа во мошне тешка ситуација, поради бавното излегување од рецесијата, невработеноста, забавениот економски раст, големиот внатрешен долг, потребата од неговото кратење и (според нив) многуте имигранти и странски работници.
Не се знае дали политичарите ги натераа луѓето да се замислат и да се исплашат од она што се случува во британската економија и од кризата на британското општество, нудејќи им ги овие „застрашувачки” показатели, за да ја добијат нивната наклонетост, нудејќи им се како „спасувачи“ или, пак, луѓето исплашени од она што се случува околу нив ги принудија политичарите да се зафатат со средувањето на домашните состојби, побрзо и поефикасно. Но, без разлика кој прв почна, сите заедно се најдоа во една долга, бучна, на моменти и прегруба кампања, во која имаше многу средби и митинзи, на крајот дури и во текот на ноќта, со оние што наместо в кревет, се на работа, а се чини премалку вистински дијалог, што (велат) отсекогаш било одлика на изборите во оваа земја. Дали тие ќе бидат „историски“, „судбински“, или „одлучувачки“, како што го порачуваат тоа патетично медиумите, ќе покаже историјата, кога ќе дојде времето да му се суди на изборот, но така или не, годинашнава кампања откри дека работите почнуваат да се менуваат и пред да се знае чија опција за иднината ја доби народната поддршка.
Најголемата промена е, пред се', во американизацијата на изборите и нивното префрлање на телевизијата, не само со „историската новина“ за ТВ-дебати, што се правени по углед на телевизиските дуели во САД, наместо традиционалното одење од куќа до куќа и агитирањето од врата до врата, туку и со те��евизиското следење на секој чекор и на секое место, како да се избора претседател, или премиер, а не само пратеник во Долниот дом. Мојот сосед, кој како и мене, секојдневно беше „бомбардиран“ со пропаганден материјал, ми се пожали дека му недостигаше времето кога можеше да го слушне и човекот што треба да го застапува во парламентот. Неговата ќерка, која признава дека никогаш досега не гласала, ми вели дека можеби и овој пат нема да оди да гласа, затоа што и' здосадило еден месец да слуша и да гледа само за Браун, Камерон и Клег и за нивните жени. ТВ-компаниите, кои како да ги „украдоа“ изборите, не мислат така. Уште од пред и да бидат закажани изборите, телевизиските куќи почнаа да ја откриваат „другата страна“ на домашните политички лидери и нивните животни избранички.
Зборувајќи (прв пат) за своето починато дете, непосредно пред да се закажат изборите, Сара и Гордон Браун се расплакаа пред телевизиските камери. Таа оттогаш не се раздели од својот сопруг, дури и кога даваше политички интервјуа рано наутро (на телевизија, секако). Случајно или не, околу изборите разбравме дека Саманта и Дејвид Камерон ќе имаат уште едно дете, а тогаш најпосле откривме и дека Ник Клег не е „венчан“ за својот главен човек во партијата, од кого дотогаш не се делеше, туку за шпанската имигрантка Миријам Гонзалес, откако таа почна да се појавува покрај својот сопруг. Во почетокот беше прикажана како модел на Европејка, која преку неделата мора да оди на работа. Излезе, потоа, дека таа не е вработена како сиот обичен свет, како што тоа во еден момент се помисли, туку дека работи на многу повисока нога, слично на оние што нејзиниот сопруг „идеолошки“ ги критикува. Таа, всушност, е косопственик на адвокатска фирма и кога излезе дека Клег станува „кингмејкер“ на овие избори, последната недела од кампањата не се раздели од него, уште прв пат давајќи и интервјуа. Беше покрај него и на гласањето, иако како Шпанка, која нема британско државјанство, таа не може да гласа во Велика Британија.
Телевизијата, пред се', а и весниците, по првата ТВ-дебата, се обидуваа од младиот и полетен лидер на либералдемократите да прават нешто како британски Обама, форсирајќи го како ново лице, политичар кој убаво изгледа, фино зборува, сака промени и, над се', знае да се однесува пред камерите, многу подобро отколку другите двајца лидери. Подоцна ќе се разбере дали тоа ќе биде она што ќе турне напред во британската политика (ако така се случи) или, пак, неговата политичка платформа, во која има многу работи што се убави за слушање. Во секој случај, тој е човекот што се офајди од овие избори, без разлика како ќе се одвива нивната разврска, затоа што се смести во политичкиот простор на земјата повеќе од кој било од лидерите на оваа партија, направена на времето, со спојување на некогашните либерали и на одметнатите социјалдемократи од лабуристите, предводени од Рој Џенкинс, сега покоен, и Дејвид Овен. Во таа нова шема, дефинитивно, се смести и Дејвид Камерон, кој подобро знае да комуницира со публиката и со гласачите, да држи „запаливи“ говори отколку што се снаоѓа кога станува збор за телевизиските камери, онака како што го знае тоа Клег. Таму никако, меѓутоа, не влегува Браун, не толку затоа што е петнаесетина години постар од двајцата помлади партиски лидери, туку затоа што самиот признава дека „не е човек погоден“ за средба со камерите. Во право е, сепак, кога вели дека британските избори не се ТВ-натпревар за избор на најпопуларна личност, туку дека на нив се одлучува за оние што треба да понесат одговорност за водење на државата. За тоа треба повеќе од лице и знаење да се „комуницира“ со камерите, цинично ќе забележи лидерот на лабуристите.
Тој, како и Камерон и Клег, прв пат оваа година се појавија на едни парламентарни избори, што се нема случено од поодамна по осумнаесетте ториевски и тринаесетте лабуристичките години, во кои 21 година (ако се бројат заедно) како премиери поминаа Маргарет Тачер и Тони Блер. Потоа, прв пат годинава се случи еден од лидерите да заборави дека микрофоните поставени за да се пренесе неговиот дијалог со гласачите остануваат вклучени додека не се исклучат, па го отвори срцето за тоа што мисли за некои од нив и го направи најголемиот гаф на изборите. Сите на тој начин разбравме што мисли Браун за некои од луѓето со кои се среќава, иако се претпоставува дека ни другите не се подобри, бидејќи тие не згрешиле. Како и да е, тоа ги разгневи обичните луѓе, иако малку е веројатно дека гафот може да има поголемо влијание врз завршните сметки на изборите. Не се памети многу ниту дека еден кандидат за пратеник, на два дена пред гласањето, го нарече својот партиски лидер „најлошиот премиер во британската историја“, како што кандидатот од северозападен Норфолк го етикетираше Брауна. Овој немаше ниту време веќе да го суспендира, или да го казнува, како што обично прави со нелојалните кон него, ниту да се разбере зашто токму тогаш му текна да каже јавно што мисли.
Како ќе помине на изборите ќе покаже гласањето, а тоа по стариот британски обичај се одржуваат и понатаму наопаку (што би рекле Европејците), среде недела, како што и наопаку возат автомобили, или се движат по улиците. Освен тоа, и натаму продолжува да се гласа „секаде каде што може“, во училишта, библиотеки, во разни културни или општински центри, некаде дури и во замоци, ставени на услуга на изборната комисија, ама и во традиционалните пабови, каде што може да се пушти гласачкото ливче, меѓу две пинти пиво. Сето тоа изгледа можеби малку „откачено“, како британски „изум“, само за да се натераат луѓето да гласаат и да има поголем одѕив на изборите, но добра им е и традицијата на брз и достоинствен пренос на власта, по изборите, до петок напладне. Тој стар „изум“ никој и не помислува да го менува, зашто кралицата ниту во еден момент не може да остане без премиер. Сосема на маргините на „тоните“ информации за изборите, во медиумите се најде кусата вест дека Браун уште една недела пред гласањето се иселил од Даунинг стрит 10, како и дека тоа го направиле сите партиски поставени министри и функционери во владината администрација, оставајќи им ја работата на државните службеници со пораката дека треба да продолжат да работат како и нормално.
|