Здравството на работ од бездна
Во првите три месеци годинава приливите од придонесот се помали за околу 8 милиони евра
Јасмина Јовановска
Доколку итно не се пополни финансиската дупка во здравствената каса, на целото здравството се заканува колапс. Особено што, иако Владата се обврза да го покрие кусокот пари што произлезе од намалениот здравствен придонес, тој не се пополнува во целост. Работите дополнително се комплицираат и поради тоа што во здравствената каса помалку пари се слеваат и од послабата наплата на здравствениот придонес, што е одраз на слабата економија. Оттука, не чуди што ваквата состојба резултира со недостиг од лекови во аптеките, а болниците и клиниките едвај преживуваат. Па, „техничкиот проблем“ што го дијагностицира премиерот Никола Груевски за хаосот во аптеките, излезе дека е суштински. Во здравствената каса има се' помалку пари, што го потврдуваат и стручњаците. Придонесот за здравство, кој се пресметува од платите, за околу две години од 9,2 отсто се намали за сегашните 7,3 отсто.
Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова, потврди дека во првите три месеци годинава поради намалениот здравствен придонес, во касата на ФЗО има околу 8 милиони евра помалку. Но, за неа, во Фондот нема финансиска дупка зашто речиси половината од парите од намалениот придонес се покриени со трансфери од Министерството за финансии. Фондот се покрил и поради тоа што во почетокот на годината на сметката имал околу 9 милиони евра вишок. Според Парнаџиева-Змејкова, состојбата се подобрила во април кога имало поголем прилив на пари од здравствениот придонес.
И додека таа се обидува да прикаже дека Фондот работи добро, министерот за здравство, Бујар Османи, призна дека намалениот процент на здравствениот придонес го дестабилизира здравствениот систем. И покрај тоа, Османи тврди дека Владата нема намера да го зголеми процентот за здравствен придонес, туку дека сакал да иницира дебата во јавноста за ова прашање. „Добро е што во се' отвори дебата дали треба да се зголеми придонесот за здравствено осигурување. Тоа беше и мојата намера, да иницирам дебата. Како министер за здравство имам должност да предлагам решенија за сите предизвици со кои се соочува здравството, а такви се многу“, вели Османи. Сега, додава тој, се соочуваме со ситуација кога сите бараат повеќе. Но, Османи не даде прецизен одговор како ќе се подобри финансиската состојба на Фондот. Тој повторно се повика на акциониот план со пакет мерките за спас на здравството, меѓу кои укинување на двојните менаџери во болниците во внатрешноста, укинување на управни одбори итн. „Очекуваме акциониот пла�� за стабилизирање да даде резултати, но финансирањето на здравствениот систем не е обврска на Министерството за здравство“, вели Османи.
Идејата за зголемување на здравствениот придонес во Владата се дискутирала неколку месеци, но не поминала. Министерот Османи ја обелодени оваа идеја пред три дена кога прв пат призна дека намалувањето на придонесот го дестабилизирал Фондот. Но, како што дознаваме, бил искаран од премиерот.
И вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, тврди дека
Владата не планира да го зголеми придонесот за здравствено осигурување. „Тоа не е добра мерка, особено во околности на економска криза кога компаниите имаат проблем со неликвидност“, изјави Ставрески.
Од друга страна, поголемиот дел од здравствената фела, бивши директори и економски стручњаци, сметаат дека враќањето на здравствениот придонес на 9,2 отсто е најургентно решение за пополнување на испразнетата каса.
„Очигледно е дека Фондот се наоѓа во финансиска криза што се должи и на намалувањето на здравствениот придонес. Негово враќање на поранешното ниво може да помогне“, вели Владимир Борозанов, претседател на Лекарската комора, за што се зборувало и со надлежните институции. Лекарската комора предлага и трансформација на здравствените домови и намалување на административниот персонал во болниците.
За зголемување на здравствениот придонес е и ексдиректорот на ФЗО, Никола Пановски. Тој смета дека за да опстане Фондот треба да се врати придонесот од 7,3 на 9,2 отсто. Во спротивно, здравствената каса, како што сега стојат работите, ќе колабира.
Дел од економските стручњаци сметаат дека не е само проблем намалениот прилив на средства, туку и тоа што лошо се менаџира со здравствената каса. Треба да се направи добар план на приливи и расходи и во рамките на тие средства да се планираат расходите. „А, не вака, се испечатија повеќе бандероли отколку што има пари, па ќе нема лекови по аптеките“, укажуваат дел од стручњаците. Според нив, во здравството отсекогаш немало доволно пари, но расходите мора да се планираат во рамките на расположливите пари. Друго е прашањето колку Фондот може да се наметне на Министерството за финансии и да си ги бара парите за програмите и за другите ветени трансфери од државната каса.
Во ФЗО се воздржани од коментар за идејата за зголемување на придонесите. „Зборување е едно, одлука е друго. Намалување на придонесот е во рамките на макроекономската политика што не ја креираме ние“, вели Јанез Јелникар, еден од двајцата директори на Фондот за здравство.
Доколку дојде до зголемување на процентот на здравствениот придонес, тоа ќе се одрази врз грбот на вработените и врз нивните плати. Зголемувањето значи дека придонесот ќе има поголемо учество во бруто-платата, за сметка на нето-платата што им се исплаќа на вработените. Секако, тоа може да го надополни работодавецот, но за тоа секоја фирма одлучува самата. |