Хотел „Романтик“
Романтика според модерни стандарди
Јасминка Павловска
„Секој што слушнал или разбрал дека во срцето на Македонија има некакво место покрај езеро, обвиткано со мир и спокој, тогаш слушнал за хотел ’Романтик‘. Ако некој случаен патник кажал дека имал совршена глетка, кога наутро се разбудил од долг и тежок пат, кон дивата природа на зимзелени дрвја, на езеро скротено помеѓу две се' уште до крај неоткриени полјани, совршени како место за воздишки, тогаш тоа е сигурно гостин на нашиот хотел. Доколку некој гурман раскажува, како во модерен објект со високата професионална услуга вкусувал традиционални македонски јадења, збогатени со медитеранска и специфична кујна, а тоа сето го залил со старо македонско вино, тогаш тој уживал во кујната на хотелот ’Романтик‘. Ако случајно наслушнете некој ловџија, семинарџија, ликовен уметник или актер колку величествено уживал во ноќните часови во романтична атмосфера надополнета со амбиент на добар пијалак, обвиткано со целосно олабавување од секојдневните обврски, надополнето со добра музика, тогаш тоа е сигурно гостин од хотел ’Романтик‘. За нас нема случајни или намерни гости, за нас секој гостин е привилегија и затоа посебно се грижиме за секого, во рамките на нашите можности да ги задоволиме неговите желби и потреби“, тече приказната на Славче Ефтовски, менаџер на хотелот „Романтик“, сместен на Велешкото Езеро.
Овој хотел со четири ѕвездички, сместен на самиот брег на езерото, и покрај проблемите со инфраструктурата, веќе неколку години упорно се труди да опстојува на стандардите на модерното хотелиерство. Местоположбата го определува хотелот „Романтик“ да се фокусира на транзитниот туризам, но нивните амбиции не запираат само на тоа.
„Речиси никаквата искористеност на природните ресурси на Велешкото Езеро со неговата околина, близината на автопатот Атина – Виена, близината на аеродромот, традицијата на македонската кујна, добрата музика, како и традицијата на посетеност од минатото, дадоа надеж и насока стариот мотел да биде претворен во хотел. Нашата намера беше, сега и се остварува, да се нуди супермодерен угостителски објект кој во срцето на нашата држава, исполнувајќи ги сите светски угостителски стандарди, да нуди место за одмор, релаксација, место за деловни зделки, семејни веселби, семинари, средби и разни други настани. Затоа се решивме нашиот капитал да го вложиме овде, дома во Македонија, и на нашите, а секако и на странските туристи да им овозможиме наш македонски бренд во хотелиерството. Немањето конкуренција во регионот за нас беше голем предизвик да ги поттикнеме и другите наши бизнисмени да вложат овде и ова место да стане обележје за одмор и туризам во нашата држава“, раскажува Ефтовски за мотивите стариот мотел да се претвори во современ хотел.
Тоа дека не се ограничуваат на локалните предизвици говори неодамнешното учество на екипата на хотелот „Романтик“ на интернационалниот гастронатпревар „Бисерот на морето“, на островот Брач, во Хрватска, каде што постигнаа забележителен успех.
„Неодамнешното учество на интернационалниот гастрономски натпревар ’Бисерот на морето‘, петти едноподруго што се одржа на островот Брач, Хрватска, потврди дека македонската гастрономија и професионалните готвачи воопшто не заостануваат зад светските текови, напротив, ги освоивме срцата со македонските специјалитети и нашите вина проследени со звуците на прекрасната македонска музика како еден комплетен промотивен пакет на нашата земја, кој ги остави без здив присутните гости од околу 15 земји. Освоеното злато и сребро во категоријата на национална кујна и начинот на кој ги презентиравме своите лидерски способности сведочи за степенот на професионализам и изграденоста на нашиот персонал. Гастрономијата е многу важен сегмент во развојот на туризмот и привлекувањето гости однадвор, а македонската кујна е позната на далеку и е одлична можност и адут за Македонија да стане модерна гастрономска туристичка дестинација. Организирањето вакви гастрономски случувања е од исклучителна важност да луѓето што ќе ја посетат Македонија како натпреварувачи да ја однесат приказната со себе за една прекрасна мала земја каде што јаделе најубави јадења, пиеле најубави вина и со насмевка на лицето раскажуваат дека со задоволство ќе се вратат пак“, размислува Ефтовски. |