07.06.2012, 18:58 Хорор на автопатот Скопје - Атина
Еден загинат и неколкумина повредени е билансот од трите сообраќајни несреќи кои се случија кај Демир Капија
Ангел Данов
Еден загинат и неколкумина повредени е билансот од трите сообраќајни несреќи кои се случија вчера на автопатот Скопје - Атина. За само пет часа, на потегот Неготино - Демир Капија се случија две сообраќајки. Семејство од Нови Сад, Србија, кое тргнало на одмор во Грција, заврши во болница со повреди откако со „пасат“ удри во камион. Во автомобилот имало две малолетни деца. Рано изутрината на патот Демир Капија – Смоквица, кај тунелите животот го загуби кавадарчанецот Горан Митров (49). Малку потоа се случи уште една несреќа кај Валандово, каде што имаше верижен судир на камиони и два автомобила. Додека траеше увидот на местото на несреќите, сообраќајот беше стопиран, поради што се создаде метеж и колони во должина од пет километри.
Првата несреќа се случи изутрината околу 9 часот на делницата Демир Капија – Смоквица. Кавадарчанецот Горан Митров се движел кон Гевгелија. Настрадал кога со возилото „опел астра“ се судрил со камион со регистарски ознаки од Унгарија. Возачот на камионот поминал без повреди. Увид на лице место извршија јавен обвинител, истражен судија и екипа на крим-техника кои работеа на утврдување на причините за несреќата.
Во втората сообраќајка, која се случи два часа подоцна на истиот пат, во близина на ТЕЦ „Неготино“, семејство од Нови Сад кое патувало на одмор во Грција со својот автомобил „фолксваген пасат“ излетало од патот и удрило во задниот дел од камион со гостиварски регистарски таблички. Едно лице се здоби со тешки телесни повреди и е префрлено во скопските клиники, а тројцата патници во автомобилот со полесни повреди се хоспитализирани во кавадаречката болница.
Третата незгода се случи на истиот патен правец во близина на Валандово. Дошло до верижен судир на два камиона и два автомобила, но за среќа причинета е само материјална штета.
Патниците кои чекаа да заврши увидот по сообраќајките коментираа дека се вози премногу брзо, а и не се почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така според патниците, причините до честите сообраќајни несреќи на овој патен правец се немањето две коловозни ленти за движење.
На овој патен правец се загубија многу животи, настрадаа цели семејства. И според полициската статистика, брзото возење и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот се главни причини за големите трагедии. |