03.07.2012, 17:28 Последен збор
Замина душа од човек... А душа како планина
Зоран Бајо Јанковиќ (1963-2012), музичар
Во последниот статус на неговиот профил на ФБ, напишан на 29 јуни, за фаворит на Европското фудбалско првенство стои - Италија. Беше добар прогнозер и - добар човек. Зоран Бајо Јанковиќ им ја одбележа на генерации скопјани младоста и им го обои светот со музиката, било преку бендовите каде што членуваше, било преку единственото собиралиште на добра музика и забава, култниот рок-клуб „Зи Зи топ“. Чиста масонерија.
Секој град има свој херој, а Скопје го имаше него. Тој, пак, ја имаше Вера Јанковиќ, неговата љубов, сопруга, колешка, диџејка, придружничка по убедување.
Во нештата што ги врзуваме за Бајо ќе ги споменеме „Психо“ и „Александар Македонски“, бендови каде што тој беше басист. Станува збор за 1984 година, за свирки, концерти. Шест години подоцна, во 1990 година започнува со работа „Зи Зи топ“, а во тој заеднички филм Бајо и Вера сите понатамошни години го трошат своето правило - човекот до тебе да ти биде се'. Единаесет години колку што траеше „Зи Зи топ“, инаку обележен во некогашната шема на градот, беспрекорно функционираше ноќниот, градскиот живот на Скопје. А по него... По него постоеја сништа дека повторно ќе се роди. И останатите години Бајо активно се занимаваше со диџејство и тука му немаше замена. По веста дека починал, неговите колеги буквално останаа без текст. Велат, беше тивок, тивко и замина.
Во графата „по животот“ почнаа да се екипира генерацијата од ’60 и некоја. Пријателите на Бајо веруваат дека, кај и да е, ќе направи нов „Зи Зи топ“, а тој... Тој никогаш нема да згасне. (В.Т.)
Јанко Илковски, радио и ТВ-новинар
Мој другар пријател, колега, музичар, прекрасна топла личност која ќе му недостига на секого што го познаваше.
Човекот што го создаде и водеше „Зи Зи топ“, музичар, во повеќе состави меѓу кои и нашиот заеднички – „Психо“... душа од човек, душа... а душа ко планина.
Бени Шаќири, музичар
Што можам да кажам за Бајо? Градски лик, идеен творец на „Зи Зи топ“, поддржувач на скопската кауза пред да се „просељачи“ се' околу нас и музиката да заталка во загадени правци.... Добар човек, бивш музичар, секогаш расположен за квалитетен муабет, еден од ретките урбани фаци што беше заштитен знак на добрата забава и, пред се', музика во Скопје. „Зи Зи топ“ стана легенда на градот.
Антонио Димитриевски, музички новинар и продуцент
Го познавав и лично, како пристоен басист и музичар, повеќе како човек кој ја поддржуваше музиката на своевиден начин. Бајо не подлегна на влијанието на времето, остана достоен на вистинските вредности, а откако активно престана да се занимава со музика, продолжи да го прави тоа како диџеј и преку држење и менаџирање клубови. Жал ми е што не продолжи активно да се занимава со музика, но остана посветен на неа. Го познавам како мирен, тивок, човек без конфликти, максимално коректен во односите со луѓето или со други зборови - загубивме човек во вистинската смисла на зборот. (К.Ш.)
|