05.07.2012, 18:52 Едиторијал
Социјални прашања наместо музика
Тина Иванова
Нагрбени со инструментите и патничките торби, на плус 38 степени, наместо да размислуваат за креативноста во музиката, тие во стилот - имат соба - бараат приватно сместување по охридските калдрми. Вака некако изгледа сликата кога македонските уметници пристигнуваат во Охрид со цел да ги претстават своите институции, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, во најдобро светло на реномираната и најголема културна манифестација во земјава - „Охридско лето“.
Изминативе неколку години, пред стартот на „Охридско лето“ доживуваме идентичен призор со третманот на македонските уметници. Овој пат, Синдикатот на сценско-музичките уметници излезе со став дека не ги прифаќаат условите од своите претпоставени кои им се понудени за учество на фестивалот. Најавите дека можеби ќе излезат и на штрајк, веројатно ќе го доведе во прашање и отворањето на претстојното издание на фестивалот што треба да се случи во Античкиот театар, традиционално на 12 јули.
Колку за потсетување, на уметниците им се одобрени по 2.000 денари за ден, средства со кои треба да си обезбедат хотелско, односно приватно сместување, храна, како и превоз до местото каде што ќе настапат и каде што ќе се одвиваат пробите. Барањето да добијат и по 800 денари дневен надомест, им било одбиено поради, како што им рекле, „антикризните мерки“. Додека пред нивните очи се случува посебен третман на странските уметници, кои заслужуваат, се разбира, нашите музичари уште еднаш го покренуваат прашањето - зошто почитта кон оние кои доаѓаат однадвор е поголема? Кај нив, велат, не е во прашање суета, туку системот на вредности кој очигледно е граден на климави темели.
На сето ова, реакција стигна и од директорката на „Охридско лето“ со логично образложение - понудите за учество на членовите на МОБ и Филхармонијата на фестивалот уредно биле доставени до директорите на институциите уште во април. Но, таа и додаде - „никој не е поголем од фестивалот и неговото значење и не смееме да дозволиме манифестацијата да биде заложник на какви било условувања“. Значи ли тоа дека сите треба да молчат и да си ја свиткаат кичмата? Познато е дека тоа е доктрината на оваа политика во која толку бргу се вклопи и новата директорка на „Охридско лето“.
Очигледно се заборава на една елементарна работа. Фестивалот го прават уметниците, и тие се над се'. На крајот на краиштата, ова не е прашање на „Охридско лето“. Затоа и зачудува што токму директорката го брани фестивалот на тема дневници и финансиска компензација, зашто тоа е работа на директорите, на менаџерите на Операта и Филхармонијата кои треба да си ги регулираат односите за буџетирањето со Министерството за култура, во што спаѓаат секако и настапите на „Охридско лето“.
Разбирливо, проблемот е во дискомуникацијата меѓу уметниците и челните луѓе на институциите, кои правилата за настап на „Охридско лето“ или на кој било друг фестивал во земјава, треба да ги наметнат уште од стартот на годината. И сега, наместо јавноста и медиумите критички да се занимаваат со програмските содржини на „Охридско лето“, особено пред неговиот старт, ние се занимаваме со истите социјални прашања на македонските уметници. |