10.07.2012, 17:07 Антикорупциската се занимава само со опозицијата
Жешка и еднонасочна собраниска расправа за улогата на Комисијата за спречување корупција. СДСМ ги обвини антикорупционерите дека се владина филијала
Наум Котевски
Антикорупциската комисија е филијала на владејачката гарнитура, а не независно регулаторно тело, обвини опозицијата на вчерашната еднонасочна собраниска расправа, бидејќи пратениците од мнозинството одлучија да молчат, без да направат обид да ја заштитат претседателката на Комисијата, Љубица Корабовска.
За пратениците на СДСМ е несфатливо како е возможно во извештајот на оваа институција за 2011 година да стојат само три кривични пријави доставени до Јавното обвинителство и тоа за СДСМ, за управителот на А1 телевизија и за „Плус продукција“, за злоупотреби на средства за финансирање во изборната кампања. Ова, според нив, докажува дека комисијата селективно се бори со корупцијата.
„Дали овие три кривични пријави се сето она што успеавте да го сработите. Дали Антикорупциска комисија ја разгледуваше финансиската дупка од 3
милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања“, ја прашаа Корабовска пратеничките Весна Бендевска и Ана Павлова-Данева. Но, таа, како и за сите други прашања, реши да се брани со молчење, иако, како што потсети Бендевска, самата си напишала во биографијата дека поседува одлични комуникациски способности.
Бендевска ја праша Корабовска да не е случајно таа самостојниот референт во случајот со купопродажните договори на четирите стана на мајката на премиерот Груевски, бидејќи токму во тоа време работела во Јавното претпријатие за стопанисување со станбени објекти.
Данева, пак, нагласи дека според законот партиите имаат посебна сметка за иборната кампања. „Таа по изборите се затвора. ВМРО-ДПМНЕ ја затворил, а не ги исплатил парите. Што ќе го советувате сега претседателот Никола Груевски. Или нема да му кажете ништо затоа што станува збор за кривично дело за кое не го известувате обвинителството“, рече Данева.
Пратеничката од СДСМ, Билјана Казанџиска рече дека во Македонија е на сцена еден нов вид анекс-корупција. „Тука предничи Министерството за култура. Некој треба да ги провери и милионските износи дадени за документарците на МТВ и рекламните кампањи на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Казанџиска.
Претседателката Корабоска, пак, уверува дека во борбата против корупцијата никој не е поштеден. „Нема неселективно работење. Државната комисија е независно тело кое работи согласно со законите и значи секој еден кој што ќе се огреши ќе одговара пред нашите закони, нема селективност и нема компромис со корупцијата“, изјави Корабоска, која беше обвинета од опозицијата дека не ни може да бидете член на Антикорупциска, бидејќи, спротивно на законот има завршено факултет за туризам.
Инаку, во годишниот извештај на Комисијата е наведено дека во периодот од јануари до декември 2011 година, таак работела врз 716 предмети од областа на спречувањето на корупцијата, а од нив се решени 516. Комисијата поднела 13 иницијативи за кривично гонење и тоа девет во областа на спречување корупција во вршење на јавните овластувања, една од областа на спречувањето на корупцијата во вршењето работи од јавен интерес и три од областа на спречување на корупцијата во политиката.
|