11.07.2012, 16:32 Глобалист
Три македонски приказни
Љупчо Поповски
Загубениот Чекор
Судбината на македонските кошаркари во Венецуела како со елмајз го пресече македонското огледало, кое ги прикажа двете лица на овдешниот бог Јанус. Кошаркарите играа слабо во Каракас, немаа концепција, немаше заедништво, немаше жар, па дури и желба. Слично како и со ракометарите во Шведска. Јавноста се почувствува дека е измамена, политичарите скусени за уште еден спектакл, портата во Скопје посиромашна за уште еден „триумф“.
Кошаркарите ги облеваше студена пот таму близу до екваторот, откако две недели се приспособуваа на американските услови прво во Атланта, па во Порторико. Се изморија од приспособување.
Зошто им натоваривме толку многу вреќи со наша надеж на нивните грбови, зошто очекувавме дека можат да одиграат уште една трансцедентална кошарка, но без урнебесот на трибините, кој беше главниот адреналин за успех. Зошто мислевме дека тие се единствениот спас за нашите фрустрации, за нашите неуспеси во секојдневието; зошто мислевме дека само со нивното заминување во Лондон на Олимпијадата ќе докажеме дека сме рамноправни со другите нации.
Многу, многу фрустрации префрливме во дворот на ракометарите и кошаркарите и очекувавме дека тие со самовилско стапче ќе ја исполнат нашата фонтана на желби, да бидат поголеми отколку што е државава, да бидат умешни, итри, истрајни, да бидат победници до последниот меч... да бидат она што ние не сме. Затоа, заборавете ги пцостите, загубените илузии, разочараноста својствена на свежите вереници – најдоброто нешто што треба да ни се случи е да се соочиме со сопствениот лик во огледалото.
На Олимпијадата во Лондон ќе одиме со четворица спортисти (кои збираат пари за патики) благодарејќи на даровите на Меѓународниот олимписки комитет, а не поради нашите заслуги. Македони��а го загуби спортот во ударничкиот занес да се гради големиот стадион, тениските игралишта, спортските сали. Тие ќе останат, но ќе бидат наменети за аматери и за гледачите составени од нивните роднини и блиски пријатели. Може да поставиме наградно прашање за тоа кога ќе биде наполнета фудбалската арена во Скопје за еден прволигашки меч. Рокот на погаѓање ќе биде 20 години и сосем е веројатно дека тоа нема да се случи дотогаш.
Така е кога ги изместуваш приоритетите – „Не е се' во облекувањето“, велеше фамозниот Мики Рубироза во култната серија за Бане Бумбар. И навистина е така, стадионите и тениските игралишта ќе останат само каприц на некои што ја водат оваа земја, но ќе ги нема врвните спортисти. Ќе останат заглавени на дното, близу до аматерите, а ние ќе ги проколнуваме дека биле главните измамници на нашите надежи. Ордените за неосвоени медали не ги прават спортистите подобри, туку ја цементираат филозофијата дека за купување на довербата ни е поважен сахаринот од вистинскиот шеќер.
Архитектите и тишината
Митко Хаџи Пуља, архитект кој сака со својот израз да ја д��пира модерната, неодамна за неговиот прославен белградски колега Богдан Богдановиќ рече дека „неговото дело, веројатно, најдобро може да се дефинира преку синкретичниот алхемиски тетраграм, кој тој самиот ни го пренесува како своја верба, а тоа е: да знаеш, да умееш, да се осмелиш и да молчиш. Да молчиш значи да можеш да ја живееш тишината, да го живееш немерливото...“
Овие зборови се наменети за фамозниот Богдановиќ „архитектот – поет“, но ќе биде извонредно важно да чуеме што мисли Хаџи Пуља за тишината на целата архитектонска армада (освен неколку исклучоци) за реизградбата на центарот на Скопје; за магичниот допир на барокот кој треба да поттикне спомени што никогаш ги немало; за архитектонските масакри со менувањето на фасадите на капиталните градби (како коцките на Це-Ка). Важно ни е да чуеме што мисли Хаџи Пуља за Градскиот трговски центар во Скопје на кој му се шие барокниот костум, а тој е во комисијата која треба да одлучува за кројката. Конечно, би било убаво да знаеме дали би се согласил на неговиот авангарден проект на објектот на „Лумикс“ пред зградата на ЕВН, некој друг да му нагрне барокна ќулавка за да не штрчи од околината.
Нашите архитекти се стопија во тишината – немо гледаат или ја вртат главата кога се осакатуваат проектите на нивните колеги, кога на секои 30 дена се носат нови планови за центарот на Скопје, кога го затрупаа со скулптури бисерот во епицентарот на главниот град – паркот „Жена-борец“, кога се креира непостоечко минато, а светот се натпреварува со архитектонски чуда. Митко Хаџи Пуља е во право кога го споменува зборот тишина – но треба да го намени за неговата фела, за целиот нејзин молк. Добро би било барем студентите да ги храбри на бунт во размислувањата и на копнеж по фантастични идеи, за не да одат по трасираниот пат кон малограѓанско затишје.
Македониjа во Дубровник
Би требало човек да знае да чита во кристална топка, па да открие дали Андерс Фог Расмусен, Штефан Филе, Филип Гордон, Карл Билт, Бојко Борисов... биле разочарани што во Дубровник, на „Кроација самитот“, изминатиот петок и сабота не го сретнаа нашиот премиер Никола Груевски. Не знаеме што би кажала кристалната топка - дали тие и дваесетина други високи политичари од Европа не го ни забележале отсуството на нашиот премиер (од Владата рекоа дека имал службени обврски, затоа бил испратен министерот Никола Попоски. Тие „службени обврски“, еве, траат една недела, премиерот исчезна од јавноста).
Во Дубровник на самитот (кој станува најважен политички годишен собир на Балканот) се расправаше за „изградба на државата и искуството во ЕУ“. Таму беа луѓето со кои Груевски има важни теми за разговор. Што би можел да им каже ним нашиот премиер. На генералниот секретар на НАТО, Расмусен, Груевски би му ги дообјаснил оние гневни пораки во интервјуто пред Самитот во Чикаго – дека тие не значат оти сакаме да скршнеме од патот кон Алијансата, но и дека некогаш не можат да се исконтролираат големите незадоволства. „НАТО е нашата иднина, бидејќи друга не сакаме и не можеме да имаме, но направете нешто во воениот клуб да не се чувствуваме како несакани деца кои ги поттурнуваат настрана“.
Да беше во Дубровник ќе можеше на некоја од масите на терасата над морето да седне со бугарскиот премиер Борисов и да побара објаснување за неговите остри зборови околу идејата за „Северна Македонија“, за нелогичното заладување на односите меѓу двете земји. Ќе можеше да го покани Борисов да дојде во Македонија, да поразговараат за заедничка прошетка низ Охрид и да се договорат како двајцата соседи со толку испреплетена историја да си помогнат едни на други.
Помошникот на Хилари Клинтон и алфа и омега за американската политика на Балканот, Филип Гордон, веќе не го брка нашиот премиер низ Европа како што тоа го правеше пред неколку години. Во Вашингтон сигурно не кренале раце од нас, но тоа е сега љубов од дистанца. Груевски можеше да го праша Гордон (кој беше и во Белград и во Приштина) зошто изјавува дека Америка е „загрижена за развојот на ситуацијата во правосудството и во медиумите во Македонија“. Зошто кога зборува – „инвестиравме многу во успехот на Македонија, но алармирани сме од знаците за растечка тензија меѓу заедниците“ – тоа го кажува со доза на разочараност и вели дека тешко е да се прогнозира кога би можело да дојде до решение за името. Можеше Груевски да го праша Гордон од каде извира ваквата американска перцепција, но „службените обврски“ не му дозволија да седне на масата каде што се разговара за проекцијата на европската иднина. |