11.07.2012, 16:31 Едиторијал
Кредити да се делат, но и долгот да се врати
Нина Нинеска-Фиданоска
„Одлично е што ќе дојдат пари, ама парите се малку“. Оваа искрена реакција од еден бизнисмен веројатно ќе помогне во обидот накратко да се исцртаат ефектите што би можеле да се очекуваат од евтините кредити. Владата, која успеа да ја обезбеди кредитната линија од Европската инвестициска банка, не пропушти во неколку наврати да го истакне тој голем успех, што во време на ваква криза успеала да им донесе свежи средства на гладните за пари фирми. И не е тајна дека овие 100 милиони евра се всушност нејзиниот главен влог во битката против драматичните последици кои европската рецесија ги испорачува на домашната економска почва, секако во комбинација со капиталните инвестиции. Тие, пак, на сегашната ребалансирана буџетска „хартија“ се запишани со бројката од 350 милиони евра, но со еден голем прашалник поради се' поочигледните тешкотии во полнењето на државната каса.
Како и да е, велат стопанствениците, важно е што се донесе таа толку неопходна ликвидност во македонската економија, додавајќи дека средствата секако се значајни, а дали ќе бидат доволни, ќе покаже времето. Сега повелете да подготвите квалитетни бизнис проекти, и на тој начин за себе да обезбедите пристоен дел од финансискиот колач. Вака би можела да се разбере пораката што и' беше испратена на бизнис заедницата, по свечениот момент на потпишување на договорот со европските банкари. И навистина, компаниите сега ќе мора да покажат врвна креативност и професионализам, потпомогнат со поволна финансиска поддршка, и само така ќе ја преживеат кризата без поголеми лузни, каква што би била на пример, отпуштањето работници.
Министерот за финансии Зоран Ставрески, дури, очекува од фирмите, се разбира доколку европските состојби се вратат во некаков колосек и нивните нарачки се зголемат, парите да ги искористат не само за дневна ликвидност, туку и за инвестиции и за отворање нови работни места. Сепак, она што јавно премногу не се промовираше, а се говори во стопанските кругови, е дека добар дел од компаниите ги чекаат новите кредити само за да затворат стари долгови, во кои претходно заглавиле и кои се закануваат целосно да го уништат нивниот бизнис.
Во медиумскиот простор вчера не недостигаа позитивни реакции за новата кредитна линија. Парите дојдоа во вистинско време и тие ќе бидат мултивитаминска инјекција за економијата во овој кризен период, се дел од експертските и од бизнисменските реакции што беа искажани.
И навистина, никој не мисли да ја оспори владината заслуга околу носењето на евтините кредити, за кои и европските партнери изразија максимална доверба дека ќе бидат брзо и правилно искористени.
Но, светлината што деновиве некои ги обзема од кредитната линија, не би требало да ги заслепи дотаму за да не можат да ја видат опасноста што за стопанството ја носи една друга владина активност, а таа е ненавременото плаќање кон компаниите и нередовното враќање на данокот на додадена вредност.
Многу изјави во последниов период се дадоа на таа тема, некои похрабри, некои поодмерени, се напишаа многу новинарски текстови, но никако не се дозна колку навистина тежи владиниот долг кон реалниот сектор. Таа прецизна сума дури и не е најбитна во случајов, многу поважно е дека државата едноставно мора да почне да се раздолжува кон фирмите. Или, да ја цитираме опозицијата во оваа прилика, само проследени со таков конкретен потег, евтините кредити ќе дадат најдобри резултати.
|