11.07.2012, 17:04 Владата со ново лице пред јавноста
Тимот на премиерот ја менува тактиката во пресрет на жешката политичка есен и локалните избори напролет
Горан Адамовски
Владата ја смени тактиката за комуникација со јавноста. Ново лице ги промовира нејзините ставови, ги брани нејзини политики, ги претставува проектите и ги објаснува реформите и речиси секој ден држи прес-конференции. Според најавите, новопромовираниот портпарол Александар Ѓорѓиев би требало да им биде постојано на располагање на новинарите, дури и кога прашањата нема да им се допаднат на министрите и на премиерот. Триесетгодишниот Ѓорѓиев, за почеток, има многу поразличен настап од својот претходник Мартин Мартиновски, кој, како што ни изјави, и натаму останува задолжен за информации од Владата.
Ѓорѓиев во саботата дебитираше на прес-конференција на Владата, на која зборуваше за подобрување на дијалогот со Грција. Деновиве, сам пред новинарите беше оставен да го објаснува напредокот на земјава во претпристапните преговори со Европската комисија, а вчера зборуваше и за препораките на Владата за топлотниот бран. Досега не беше пракса владиниот портпарол сам да држи конференции за печат. Таа улога, главно, им припаѓаше на министрите, за прашања од нивните ресори. Во почетокот, пак, беше практика главен говорник да биде премиерот Никола Груевски, а зад него да стои целиот негов кабинет.
Зошто токму сега доаѓа до комплетно свртување на „пиарот“ на Владата е прашањето што ја заинтригира јавноста. Според некои размислувања, Владата беше принудена на ваков потег по засилената промоција на опозицијата, која со „работното лето“ влезе во секторот во кој властите беа неприкосновени - медиумите. Други сметаат дека е апсолутно легитимно Владата да има активен портпарол што е пракса во сите успешни европски примери. Трети, пак, се уверени дека станува збо�� за подготовка на властите во пресрет на жешката политичка есен и локалните избори напролет.
„Генерално, мислам дека е за поздравување Владата да има активен портпарол, а новинарите да добијат човек кому ќе може да му се обратат во секое време и да го прашаат за различни работи. Нормална техника е Владата да има гласноговорник со секојдневни настапи. Но, прашањето е дали тој ќе служи само за промоција на ставовите на Владата или ќе одговара на сите прашања? Портпаролот, според функцијата, треба да ги има сите информации во и околу Владата во малиот прст и да им ги сервисира на новинарите. Ако го направи тоа - тогаш секоја чест“, вели политикологот Петар Арсовски.
Ѓорѓиев, нормално за почеток, покажува силна волја да воспостави коректни односи со новинарите. Достапен е, комуникативен на секоја тема, не признава погодни и незгодни прашања. Вели дека не планира да се смени, уверува дека ниту заморот нема да го принуди да стане како дел од неговите колеги, кои забораваат на улогата што ја имаат, па на пример, по цел ден се недостапни или не се јавуваат на службениот мобилен телефон, платен од граѓаните.
„За квалитетно информирање, треба да има пред се' дела и вредност, кои се стремиме да ги создаваме, аргументи, факти, прецизни и јасни информации, и најважно, држење до зборот. Зборот многу вреди, тешко се стекнува кредибилитетот, кој макотрпно и посветено го градевме“, вели Ѓорѓиев, претопувајќи се во Владата со „ние“. Објаснува дека целта е да се допре до граѓаните, да им се доловат реформите или проектите, односно погодностите што можат да ги добијат.
Неговиот претходник Мартин Мартиновски, во изјава за нашиот весник, објаснува дека со новиот колега ќе се засили тимот задолжен за односи со јавноста. Новинарите за Мартиновски ќе ви кажат дека е малку крут, особено кога се во прашање информации што не и' одат во прилог на Владата. Сега, кога курсот е сменет, периодот што претстои ќе покаже какви ќе бидат промените и кој ќе има корист од нив. |