11.07.2012, 16:40 Газдата на синџирот ресторани „Кај Злате“ си го одзеде животот
Смртта на 49-годишниот Златко Митковски претставува вистински шок за голем број скопјани кои ги посетуваа неговите ресторани
Љубиша Станковиќ
Сопственикот на синџирот ресторани „Кај Злате“, завчеравечер си го одзеде животот, скокајќи од вториот кат на зградата во која живееше на улицата „Истарска“, во непосредна близина на „Олимпискиот базен“ во Скопје. Неговото семејство, пријателите и редовните гости во познатиот скопски ресторан, се шокирани од веста за смртта на 49-годишниот Златко Митковски. Во овој момент не може со сигурност да се каже кој бил мотивот познатиот угостител да крене рака врз себе.
Трагичниот настан, кој се случил околу 22,30 часот, го потврдуваат и од МВР, но оттаму не кажуваат ништо повеќе за загинувањето на 49-годишниот Златко Митковски.
„Точно е дека имаме регистрирано несреќен случај и во овој момент можеме само да потврдиме дека за настанот имало дојава малку по 22.30 часот. По извршениот увид не биле констирани повреди кои би укажале на евентуална насилна смрт. Сепак, ние ќе почекаме на резултатите“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Трагичната вест за смртта на познатиот скопски угостител, вчера, молскавично одекна на социјалните мрежи, но и меѓу неговите познаници, пријатели и соседи.
„Немам што да кажам. Шокирана сум од она што се случи. Беше прекрасен човек и добар сосед. Многу мирен човек!“, ни изјави една сосетка на Митковски.
Митковски, наводно имал здравствени проблеми и му претстоела хируршка интервенција. Според непотврдени информации, тој во вторникот попладне дошол дома истоштен и затоа решил малку да прилегне и да се одмори. Сето ова се случувало некаде околу 20 часот во миговите додека во станот биле и негови блиски. Неколку часа подоцна, си го одзел животот.
Трагичната вест за смртта на скопскиот бизнисмен со шок и неверување ја примија и многу скопски угостители кои го познавале. Синџирот ресторани коишто Митковски ги поседуваше во Скопје, вчера беа отворени за редовните посетители. Вработените не сакаат да коментираат ништо во врска со ненадејната смрт на нивниот газда.
Златко Митковски, повеќе од петнаесетина години е сопственик на повеќе ресторани во центарот на Скопје и во населбата Аеродром. |