10.07.2012, 15:20 (ФОТО) „Вранец спешл селекшн“ на „Тиквеш“ влезе во светската винска елита
Ова е второ вино на „Тиквеш“, покрај „бела вода“, кое за помалку од една година добива висока оценка и можност за пробив на пазарот на врвни вина
ФОТО: Киро Попов
Виното „вранец спешл селекшн, берба 2010“ на винарницата „Тиквеш“ доби 90 од можни 100 поени од најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер. Ова е второ вино на „Тиквеш“, покрај „бела вода“, кое за помалку од една година добива висока оценка и можност за пробив на пазарот на врвни вина. Целата количина на „вранец спешл селекшн“ ќе биде пласирана на пазарот во САД, додека, пак дел од количините од бербата од 2011 година ќе остане и за љубителите на врвно вино во Македо��ија. Францускиот вински консултант Филип Камби, кој е дел од тимот на „Тиквеш“ кој ги создаде вината со одлични оценки, вели дека „вранец“ ќе ги освои пазарите во светот со високиот квалитет и достапната цена. Ова вино е типично за Македонија бидејќи се произведува од сорта карактеристична за ова поднебје.
„За едно вино да биде препознаено како висококвалитетно, покрај неговите врвни карактеристики, често треба да има и препорака од признат познавач, експерт каков што е Роберт Паркер. Тој ги препорачува само оние вина во кои е убеден дека имаат врвен квалитет и уникатна вредност“, истакна Камби. Тој посочи дека Македонија на винската карта влегува во друштвото на Австралија, Аргентина и Чиле, како производител на вино со одличен квалитет и пристапни цени.
Според генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски „вранец спешл селекшн, берба 2010“ и „бела вода“ се единствените вина од Македонија, но и од целиот регион, кои биле оценети од вински критичар со светско реноме.
„Да се добие втор пат висока оценка од Паркер е потврда дека врвниот квалитет на нашите вина не е исклучок, туку правило зад кое стојат дефинирана стратегија и континуирана посветеност“, рече Илиевски. Тој најави дека очекува извозот на нивните вина во САД да достигне вредност од еден милион евра. (С.Н.)
|