11.07.2012, 14:29 Кај Старо Градско пронајдени гранати од Првата светска војна
По пријава на локалното население во реката Вардар кај селото Старо Градско пронајдени се неексплодирани убојни средства останати од Првата светска војна.
Во денешното соопштение од Дирекцијата за заштита и спасување се наведува дека нивните пиротехничари при испитувањето на коритото на реката Вардар со детектор пронашле и отстраниле 10 минофрлачки гранати Ф-70мм и 7 артилериски гранати Ф-75мм.
При пребарувањето на местото констатирана е можност дека на тој потег има уште многу такви неексплодирани убојни средства што е потврдено и од евиденцијата која ја поседува Подрачното одделение за заштита и спасување од Велес.
Пиротехничарите од Дирекцијата за заштита и спасување во наредните денови ќе органи��ираат и извршат целосно пребарување на претпоставено контаминираниот терен.
Од Дирекцијата препорачуваат локалното население да не вршат активности (копање, орање и слично) во тоа подрачје додека не се изврши пребарување на теренот, бидејќи постои можност да откопаат или активираат граната, при што можат да се здобијат со сериозни повреди.
Акцијата за пребарување на неексплодирани убојни средства ќе биде координирана со градоначалникот на општина Градско Глигур Коцев, информираат од Дирекцијата. |