10.07.2012, 10:28 Приведени осомничените за нападот врз тетовецот Стерјоски
На двајцата осомничени им е одреден 30 дневен притвор за нападот на тетовецот Крсте Стерјоски, кој ноќта помеѓу саботата и неделата починал како последица на нападот
Истражен судија во Основниот суд во Тетово им одреди по 30 дена притвор на двајцата осомничени за нападот на 65-годишниот тетовец Крсте Стерјоски, кој ноќта помеѓу саботата и неделата починал како последица на нападот.
Освен дека станува збор за две лица на возраст од 21 и 22 години кои потекнуваат од Тетовско, а живеат во Тетово, портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски не соопшти други информации.
- Двајцата биле пронајдени и приведени од полицијата денеска во период од неколку часови и по извршените ра��говори во полицијата биле изведени пред истражен судија кој им определил мерка од по 30 дена притвор, информираше Јосифовски.
Нападот се случил во петокот помеѓу 15 и 16 часот, на улица „Гоце Делчев’’, во непосредна близина на православните гробишта во Тетово, при што Стеројски се здобил со сериозни повреди. Според Јосифовски веднаш по нападот, повредениот со возило бил однесен во тетовската клиничка болница, каде му била укажана лекарска помош, но заради сериозноста на задобиените повреди итно бил префрлен на скопските клиники, каде што ноќта помеѓу сабота и недела им подлегнал на повредите, додека вчера била извршена обдукција. Полицијата извршила увид набрзо по пријавувањето на случајот, подигнала и одредени траги за вештачење и разговарала со лекарите во тетовската болница.
Стерјоски долго време работел во Швајцарија и покрај македонско имал и швајцарско државјанство, а во родниот град се вратил пред неколку години по што започнал со сопствен бизнис. Семејството останало во Цирих, а Стерјоски на неколку месеци доаѓал во Тетово и повторно се враќал назад. Неговиот син Александар за настанот разбрал додека бил во Швајцарија по што веднаш пристигнал во Тетово.
|