11.07.2012, 21:26 Владата препорачува работно време од 7 до 15 часот
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција информираше дека оваа мерка засега е предвидено да трае седум дена
Владата на Република Македонија на денешната седница одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи од утре да го организираат своето работно време од 7 до 15 часот, поради топлотниот бран и високите температури.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција информираше дека оваа мерка засега е предвидено да трае седум дена, а се препорачува и на приватниот сектор исто така да го организира работното време од 7 до 15 часот.
- Донесена е одлука за ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението ��ако што се бремените жени и на лицата над 60 години, а установите за згрижување на децата, односно градинките да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот, истакна Ѓорѓиев.
Нагласи дека работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот.
- Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, потенцираше Ѓорѓиев.
Владата одлучи единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, додаде Ѓорѓиев.
Во исто време, Владата препорачува да се почитуваат и досегашните мерки, односно во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка, да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце да се носи заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалоци.
При влегување во возило, нагласи Ѓорѓиев, потребно е тоа одреден период да се проветри, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
|