10.07.2012, 16:52 Ставрески: Високиот трговски дефицит може да се ублажи, но не бргу
Високиот трговски дефицит со кој хронично се соочува македонската економија, и кој за првите пет месеци од годинава достигна една милијарда долари, според министерот за финансии Зоран Ставрески, не е од сега и не е последица на мерките на оваа Влада, туку е 20-годишна ситуација во земјава. Според него, високиот дефицит е повеќе резултат на структурата на македонското стопанство. Тој смета дека додека дефицитот е под контрола може да се финансира предоминантно со странски директни инвестиции, и не би требало да претставува посебен проблем.
„Она што може да го ублажи трговскиот дефицит е да се промени структурата на македонската економија, во насока на производство на производи со повисока додадена вредност, како што се оние на ’Џонсон Мети‘ и ’Џонсон контр��лс‘. Верувам дека со инвестициите што ги привлековме и вклучувањето на македонски компании како добавувачи на овие странски инвеститори ќе успееме во пократок рок од оној што е вообичаен да ја промениме структурата на македонското стопанство. Сепак, треба да бидеме објективни, тоа е среднорочна цел, тоа не е нешто што може да се промени за една година или две“, рече министерот за финансии Зоран Ставрески. (Ек.Р.) |