(ВИДЕО) Измамник земал пари од граѓани лажејќи дека работи во Влада
Полицијата го приведе измамникот од Свети Николе кој се претставувал како владин функционер
Измамник од Свети Николе, кој се претставувал како висок функционер во Владата, успеал да доведе во заблуда 30 правни и физички лица од неколку градови во државава. Како што информираат од МВР, станува збор за 53-годишниот В.С. од Свети Николе, познат под прекарот „Спикер“. Тој од измамените фирми и граѓани успеал да земе 144.500 денари или речиси 2.500 евра.
Одделот за финансиски криминал на МВР за „Спикерот“ поднела кривична пријава за две кривични дела - за измама и за лажно претставување. Лажниот висок владин функционер, односно лицето Владо Радевски, како што им се претставувал на потенцијалните жртви, главно ги контактирал телефонски, а потоа ним им било кажувано дека се потребни донации за болно лице од Свети Николе. Лажниот вработен во Кабинетот на премиерот на своите жртви им продал неколку приказни за лекување на болно лица. Тој говорел за донација за лекување на дете во странство или за донација за лекување на дете на негов пријател, за негова операција во странство, за помош на негов роднина за лекување во странство или за хуманитарна помош за болни лица од Свети Николе.
Сите измами „Спикерот“ го сторил за само четири месеци, односно од јануари до мај оваа година, а убедувањето иако главно дело по телефон имало и лични средби со физичките лица или одговорни лица во компаниите. Кога работите биле договарани по телефон В.С. барал уплата на средства, но доколку се јавела пречка тој по факс доставувал „документација“ за историјата на болеста на неговата сопруга која се лекувала во Медицинскиот центар во Скопје. Оштетените му уплатувале од илјада до 20.000 денари, но парите В.С. ги користел за лични потреби.
Полицијата потврдува дека лажниот владин функционер е познат од порано како сторител на измами и кражби и дека неговата „кариера“ започнала уште во 1975 година и дека повеќе пати бил осудуван на затворски казни од неколку судови во државава.