10.07.2012, 13:04 Стo милиони евра достапни за македонските компании
Договорите со ЕИБ ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Македонска банка за поддршка на развојот Драган Мартиновски
Евтините кредити што Владата ги обезбеди преку кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка од денеска достапни за македонските компании. Договорите со ЕИБ ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Македонска банка за поддршка на развојот Драган Мартиновски.
Фирмите ќе ги добијат средствата по исклучително поволна, субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите ќе поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК банка и Халк банк.
Со претходните две кредитни линии од 150 милиони евра беа поддржани 712 проекти на мали и средни претпријатија кои отворија 3.150 нови работни места. Според министерот, важно е што беа поддржани производни и извозни компании што значи дека со средствата од ЕИБ се поттикнува домашното производство и извозот.
- Со овој проект, со новите 100 милиони евра и претходните 150 милиони евра, вкупната поддршка што Владата во текот на овој кризен период, во овие 3-4 години што ја обезбеди за македонското стопанство е 250 милиони евра, средства што никогаш претходно не биле обезбедни во толкав износ како поддршка на владата за стопанството, рече министерот Ставрески.
Според директорот во ЕИБ Доминик Корубин, оваа кредитна линија заедно со претходните две ја покажуваат одлучноста на Владата да даде поддршка за инвестиции на малите и средните претпријатија и тоа во услвои на финансиска и економска криза, а со цел да се зачува економскиот раст во земјата.
|