11.07.2012, 13:32 (ФОТО) Кавадарчанец освои бронза на натпревар за генијалци
Ѓорѓи Шемов се натпреваруваше со научен труд од областа на заштитата на животната средина
Гимназијалецот Ѓорѓи Шемов од Кавадарци се врати со бронза од олимпијадата за генијалци што се одржа во Њујорк. Шемов се натпреваруваше со научен труд од областа на заштитата на животната средина. Се најде меѓу 248 финалисти од над 650 проекти кои беа дел од олимпијадата. Покрај освоената бронза тој доби и вредни награди, стипендија за четирогодишно студирање, вредна 16.000 долари годишно, ајпад и дипломи.
Овој средношколец е презадоволен од постигнатото и објаснува дека проектот од областа на биологијата го работел заедно со професорката по биологија Елизабета Иговска и вработени од Ц��нтарот за јавно здравје. Со овој проект поставил хипотези за поморот на риби што се случи лани во Тиквешко Езеро со вршење биолошка и хемиска анализа на водата. Жири-комисијата ги оценувала проектите според вистинитоста, креативноста и пристапот во работењето, а ја сочинувале новинари од National Geographic, професори на факултетот „Освего“ од Њујорк, како и експерти во областа на заштита на животната средина.
„Една од хипотезите беше околу големото присуство на алги, а на тоа се надоврзува и високата температура бидејќи минатото лето беше забележано како едно од најжешките. Работевме и на претпоставките за немањето оддалеченост од еден рибник до друг. Ретко кој го почитуваше правилото од еден до друг рибник да мора да има оддалеченост од два километри. Имаше луѓе кои изгубија, наместо да заработат повеќе“, вака Шемов го искоментира проектот кој му донесе успех на олимпијадата во Њујорк. (А.Д.)
|