09.07.2012, 17:41 Откриена криминална група која фалсификувала документи
Во полициската акција се опфатени 17 лица од земјава и од Косово, од кои шестмина се во бегство
Македонската полиција, во соработка со полициите на неколку соседни земји, но и со полициите на Австрија и Холандија, откри меѓународна криминална група која подолго време се занимавала со набавка и фалсификување на странски патни исправи, лични карти, возачки дозволи, дипломи и осигурителни картички.
Со полициската акција, која носи оперативни име „Кондор“, се опфатени 17 македонски и еден косовски државјанин, но шестмина од нив се' уште се недостапни за органите на прогонот.
„Криминалната група имала добро разработен начин на дејствување, така што по остварени телефонски контакти, лични средби и договори помеѓу посредниците и фалсификаторите, биле доставувани фотографии за лица за кои биле наменети документите, а согласно со видот и квалитетот на фалсификуваниот документ била определувана и цената која се движела меѓу 100 и 3.500 евра,“ рече на вчерашната средба со новинарите министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Таа потврди дека од нив се одземени шест компјутери, еден пал-топ, 84 бланко-картички, фолии за пластифицирање, лажни косовски дипломи, специјални лупи, една машина за пластифицирање, УСБ, десет принтери и фотографии на лица за кои требало да се изработуваат фалсификуваните документи.
Од досега прибраните сознанија на МВР две лица се јавуваат како организатори на групата чии, пак, членови се на возраст меѓу 21 и 62 години старост.
Во текот на вчерашниот ден, а врз основа на издадени наредби од истражен судија, полицијата извршила претреси во шест објекти во Скопје и притоа била пронајдена опремата која се користела за изработка на фалсификуваните документи. Од МВР потврдуваат дека дел од припадниците на групата и порано биле пријавувани како извршители на разни кривични дела, а еден од нив требало да издржува затворска казна во траење од 10 години за извршено убиство. (Љ.С.) |