12.07.2012, 13:57 Арифи: Дијалогот на високо ниво ќе го раздвижи и граѓанскиот сектор
Што е постигнато досега во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво на Република Македонија со ЕК и што е она што цивилното општество може да го понуди како препорака е целта на денешната тематска работилница „Дијалог за Пристапниот дијалог“ организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ).
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи, презентирајќи ги досегашните постигнувања, оцени дека Дијалогот на високо ниво по својата природа е инклузивен процес и има потреба за вклучување не само на граѓанскиот сектор, туку и на целото општество за да биде функционален. Според неа, досега испорачаните резултати согласно договорените временски рокови во Патоказот во петте клучни области - дијалог со медиумите, реформи во изборното законодавство, судството и администрацијата и функционална пазарна економија во рамки на овој дијалог, е основа за изјавите во позитивна насока од нашите партнери од ЕК.
- Јас сум повеќе од убедена дека дијалогот на високо ниво е за нас една голема можност имајќи го предвид фактот дека дава можност да се раздвижи не само администрацијата туку и Парламентот и целиот граѓански сектор затоа што таа динамика ни е повеќе од потребна за да имаме процес со кој ќе се движиме кон ЕУ. Фактот дека овој процес беше подвлечен и од двајца министри од ЕУ кои престојуваа тука покажува дека процесот на дијалогот на високо ниво ги надминува и границите на ЕК како наш најзначаен партнер и лобист во процесот за добивање преговори и пошироко кон земјите членки што мислам дека е наша цел, рече Арифи на отворањето на работилницата.
Според директорот на ЕПИ Малинка Ристевска Јорданова, Дијалогот веќе доби позитивен ореол во јавноста во услови кога отсуствуваат преговорите и е блокирана втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
- Нашата цел денес не е да го симнеме позитивниот ореол на пристапниот дијалог туку да придонесеме за него, тој да не биде само процес на штиклирани активности туку да биде процес кој што ќе се сврти внатре кон нас самите, односно ќе придонесе за нашиот внатрешен дијалог меѓу македонските чинители, рече Ристевска Јорданова.
Таа изрази очекување дека Пристапниот дијалог ќе придонесе и за унапредување на довербата меѓу Република Македонија и ЕУ, по, како што рече, есенското заладување на односите и неупотребата на придавката македонски. Последните податоци на Европскиот барометар од декември покажаа најголем пад до сега во довербата на македонските граѓани во ЕУ според кои 42 отсто искажале доверба наспроти 47 кои рекле дека немаат доверба, а 12 проценти биле неодлучни, што е пад од 13 отсто.
На работилницата учествуваат претставници на Владата и на министерствата вклучени во реализацијата на патоказот, цивилниот сектор, експерти и независни тела.
|