10.07.2012, 12:20 Австрија и Словачка ќе лобираат за преговори
Не провоцирајте ги Грците за да имаат изговор да ве блокираат, порачаа од Скопје Михаил Шпинеделегер и Мирослав Лајчак
„Ја имате нашата поддршка, ќе лобираме за вас, ова мора да биде ваша година и да почнат преговорите со Европската унија. Најдете решение за името и немојте да ги провоцирате Грците, за да имаат изговор за блокадата во евроинтеграцискиот процес“. Ова накусо е пораката што вицепремиерите и шефовите на дипломатиите на Австрија и на Словачка, Михаил Шпинделегер и Мирослав Лајчак, ја упатија од Скопје по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.
„Македонија предолго чека. По седум години кандидатски статус, време е по препораките на Европската комисија да се преземат следните чекори. Затоа, ќе лобираме во ЕУ за донесување одлука за почеток на преговорите со вашата земја до крајот на годината“, изјави австрискиот вицеканцелар Шпинделегер. Тој вели дека Македонија може да биде задоволна од постигнатото досега, но оти се потребни дополнителни напори. Порача да го искористиме пристапниот дијалог на високо ниво како инструмент за постигнување напредок. Според него, скорешниот влез на Хрватска во Унијата, како и стартот на преговорите на Црна Гора со ЕУ, ќе биде фактор што ќе ја поттикне Македонија. Шпинделегер е свесен дека на патот кон Европа, на Македонија и' е попречен еден, засега, нерешлив проблем.
„Спорот за името е особено чувствително прашање. Свесни сме за тоа, но сепак станува збор за билатерално прашање и тоа не треба повеќе да го блокира стартот на пристапните преговори. Мора да го раздвоиме прашањето за името од почетокот на преговорите со јасна порака дека ова прашање мора да се реши пред да завршат преговорите“, подвлече Шпинделегер.
Според него, важно е Македонија да биде проактивна за името и да се воздржува од какви било провокации, кои би можеле да бидат искористени како изговор за нови блокирања. Шпинеделер порача дека може да не' поддржат во ЕУ, само ако ние си ја завршите својата работа.
Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак е убеден дека Македонија треба да биде следната земја која ќе ги почне преговорите со ЕУ и оти Братислава и Виена ќе помогнат во тоа, а земјата треба во целост да се фокусира на реформскиот процес. Лајчак посочи дека процесот на почнување преговори има технички и политички аспекти.
„И додека техничките лесно се воочливи, во политичкиот дел треба да ги убедите сите 27 членки дека имате политичка волја за решавање на билатералното прашање“, напомена Лајчак. (Г.А.) |