11.07.2012, 12:24 Македонија е подготвена за подобрување на односите со Грција
Македонскиот амбасадор во Сад и преговарач во спорот за името Зоран Јолевски на предавање во организација на Руми форумот во Вашингтон
Македонија многу пати пренела барање до нашите јужни соседи дека е подготвена за средби било кога и било каде, со цел да се интензивира процесот. Со формирањето на новата грчка Влада се надевам дека наскоро овој процес ќе се придвижи. Мојата Влада неодамна повторно и препорача на Грција да потпишеме договор за добрососедски односи, што ќе биде добар чекор за засилување на билатералните односи меѓу двете земји.
Ова го изјави македонскиот амбасадор во Соединетите Американски Држави и преговарач во спорот за името Зоран Јолев��ки на предавање во организација на Руми форумот во Вашингтон.
Амбасадорот Јолевски, пред претставници на американски медиуми и на аналитичките центри во Вашингтон рече дека Македонија заслужува членство во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија, за што единствена преостаната пречка е блокадата од страна на Грција.
Јолевски се осврна и на последните чекори на Грција насочени кон македонските граѓани, како што е воведувањето налепници за македонските возила, чекор кој амбасадорот го оцени како целосно спротивен на Времената спогодба од 1995 година и штетна за трговската и туристичка размена меѓу двете земји.
- Многу е важно да има слободно движење на граѓаните, слобода на трговијата, која на сите ни е потребна. Ние ја охрабруваме размената на луѓе и трговија преку границата, изјави амбасадорот во обраќањето насловено „Интегрирањето на југоисточна Европа во НАТО и во Европската Унија и улогата на Република Македонија во Руми форумот“.
Ова обраќање беше дел од серијата слични обраќања кои Руми форумот, влијателна организација од Република Турција која води проекти насочени кон подобро разбирање меѓу разните религии и народи, ги организира за претставниците на дипломатскиот кор во Вашингтон.
Македонскиот амбасадор во своето обраќање се осврна и на позитивното влијание на интеграциите во НАТО и во Европската унија кон Македонија, како катализатор за спроведување на реформите и оцени дека досегашните интеграции придонеле стабилност во регионот.
- НАТО и ЕУ треба да ги прифатат земјите кои сакаат да бидат членки, го заслужуваат тоа и ги исполнуваат критериумите. Интегрирањето на Југоисточна Европа и завршување на оваа незавршена работа треба да биде приоритет, нагласи Јолевски, кој ја наведе силната поддршка кај македонските граѓани за интеграциите, како и поддршката на приемот на Македонија која ја изразуваат безмалку сите држави-членки на НАТО и на Европската унија и позитивните препораки од Европската комисија и европскиот Парламент.
|