10.07.2012, 14:52 Браќата молчат зошто претепаа тетовец до смрт
Судот им одреди 30 дена притвор на Фарук (22) и Љуљзим (21) поради смртта на Крсте Стерјовски
Тетово - Двајцата браќа што претапаа тетовец до смрт, веќе се наоѓаат во истражен затвор. Нив им е изречена мерката притвор во траење по 30 дена. Тоа е одлуката на истражниот судија при Основниот суд во Тетово. Осомничени се дека во петокот во попладневните часови кај православните гробишта во Тетово до смрт го пртепале својот сосед и сограѓанин Крсте Стерјовски, кој почина како последица на здобиените повреди. Од обдукцијата, е утврдено дека Стерјовски бил удиран по телото и имал тешки повреди по главата.
Во Основниот суд во Тетово денеска дознаваме дека двајцата браќа Фарук (22) и Љуљзим (21) Б., по првичните искази пред полицијата, биле сослушани од истражен судија. Првично и двајцата се бранеле со молчење. Браќата потекнуваат од тетовското село Ѓермо, а со семејството Стерјовски живееле во едно маало, на оддалеченост од околу 200 до 300 метри. Поради нивниот молк и вчера не беа познати мотивите за бруталното претепување со поседица на смрт.
Во чаршијата, во населбата Поток, се спомнуваат две причини кои би можеле да го предизвикаат немилиот настан. Според едната шпекулација, во прашање била расправија поради прегласна музика од куќата на тепачите, но се спомнуваат и должничко-доверителски односи.
Тетовци се згрозени од настанот, особено оние кои добро го познавале својот сограѓанин Дуда, за кого тврдат дека бил вреден и честит човек и дека веќе 36 години со цело семејство бил на работа во Швајцарија, каде добил и државјанство. Крсте веќе имал стекнато пензија и по таа основа се вратил од Цирих во родното Тетово, додека другите членови на семејството останале во Швајцарија. (Г.Е.)
|