11.07.2012, 11:22 Вдовицата на Арафат ќе поднесе тужба во Франција
Суха Арафат, сопругата на поранешниот претседател на Палестинските власти Јасер Арафат најави дека ќе поднесе тужба во Париз откако беа обелоденети информации во медиумите, според кои нејзиниот сопруг бил отруен со полониум во 2004.
Оваа информација ја соопшти адвокатскиот кабинет на Суха Арафат, според кабинетот тужбата ќе биде поднесена на крајот од месецов и како таа ќе гласи и против кој таа ќе биде насочена ќе биде познато откако ќе бидат проучени некои детали.
Палестинските власти од нивна страна веќе дадоа зелено светло за ексхумација на посмртните останки на Јасер Арафат, откако телевизискиот канал „Ал Џазира“ во една своја емисија објави дека според испитувањата направени врз личните предмети и долната облека на Ја��ер Арафат биле пронајдени траги од полониум – радиоактивен елемент.
Сопругата на Арафат верува во тезата за убиство на нејзиниот сопруг, истакнувајќи дека на времето Израел и САС гледале во нејзиниот сопруг како на пречка за мирот во регионот. Израел ја демантира секоја вклученост во смртта на палестинскиот лидер, кој имаше 75 години кога почина во француската воена болница во Перси.
Јасер Арафат почина откако наеднаш заболе, без притоа лекарите да дадат објаснување за неговата болест, при што се дојде до сомневањето за труење.
|