12.07.2012, 14:07 Достапни нови 10,7 милиони евра за македонските компании
Овие пари имаат цел да ја подобрат ликвидноста и конкуреноста на македонските компании на странскиот пазар во услови на криза
Македонските компании од денеска имаат на располагање нови 10,7 милиони евра што ги обезбеди владата, а со цел подобрување на ликвидноста и конкуреноста на странскиот пазар во услови на криза, како и 100-те милиони евра обезбедени од владата преку Европската инвестициска банка, а кои се достапни од пред два дена. Средствата ќе се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот по поволни услови со камата од 3 проценти.
Договорот со владата за докапитализација на МБПР беше врачен денеска од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на претседателот на Надзорниот одбор на Банката Оливер Костуранов.
- Пред два дена ја објавивме кредитната линија од 100 миолини евра за малите и средни претпријатија која е голема финансиска поддршка за македонското стопанство, а денеска објавуваме дека ставаме на располагање уште дополнителни 10,7 милиони евра средства наменети пред се за фирмите што се занимаваат со преработка на земјоделски производи, рече Ставрески.
Според него владата ги обезбеди овие две кредитни линии навреме како директна поддршка на стопанството во услови на нарушена ликвидност и зголемени проблеми поради европската должничка криза. Условите под кои кредитната линија е обезбедена ќе им помогне во вистинско време на фирмите кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи.
Претседателот на надзорниот одбор на Банката, Оливер Костуранов истакна дека со овие средства од Владата преку докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот даваат дополнителни можности за подобрување и развој на производните и конкурентнските способности на малите и средни прептпријатија.
Кредитната линија директно ќе биде менаџирана од Македонската банка за поддршка на развојот, под исклучително поволни услови со каматна стапка од 3 проценти за крајните корисници. Рокот на отплата ќе биде до пет години и грејс период од една година доколку станува збор за основни средства и 18 месеци рок на отплата и три месеци грејс период за кредити за обртни средства. Барањата ќе се поднесуваат директно во Македонската банка за поддршка на развојот во Скопје. |