10.07.2012, 17:12 Реплики
Поразени научници
Соња Крамарска
Успешни Македонци од светот доаѓаат на големи ѕвона во Македонија, а си заминуваат тивко и поразени Веднаш по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година се сретнав со еден нивен висок функционер да разговарам како новинар за нивните идни намери при составувањето на владата и воопшто практикувањето на власта. Тој со радост ми соопшти дека за разлика од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тие одлучиле во нивната влада да вклучат успешни Македонци во светот. Ми рече дека штом тие успеале при строгите критериуми во светски, пред се' американски фирми, нема шанси да потфрлат тука и дека нивното искуство и контакти се од непроценлива вредност за зацврстувањето на македонските позиции на политичката и светска бизнис сцена.
Аргументите на мојот соговорник беа мошне прифатливи во тоа време.Тоа навистина претставуваше голема новина, а задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ беа одлична прилика да се регрутираат такви кадри. Набргу новоформираната влада, навистина ги отвори вратите за таков профил на луѓе, и тие долго беа силен аргумент за популарноста и добрата намера на десно-центристичката коалиција предводена од премиерот Никола Груевски.
На овој разговор се потсетив деновиве, откако се случи еден друг разговор кој ме шокираше. Деновиве сретнав еден пријател кој се врати тогаш од Америка, токму на покана на партијата, иако таму имаше големи постигнувања на професионален план. Тој побара да не ја објавувам сторијата но не можам да одолеам и затоа нема да му го спомнам името. Разочарано ми рече дека по неуспешниот експеримент да и помогне на Македонија, со семејството решил пак да се врати во Америка.
Таму добил висока позиција на импресивна тема поврзана со разоткривање на криминалот против човештвото. Ми рече и дека при барањето работа во САД имал проблеми како да ја објасни четиригодишната пауза што ја направил во својата струка при желбата да и помогне на Македонија. Како од топ му одговорив дека е доволно да спомне дека бил висок владини функционер во Македонија и дека тоа ќе ги импресионира Американците но од неговата реакција сфатив дека сугестијата ми е глупава. Не проаѓало тоа толку лесно таму.
Го прашав зарем не добил покана од нашето Министерство за внатрешни работи да им се придружи во битката против криминалот со оглед на тоа дека неговите професионални ангажмани во САД се поврзани со оваа област. Само се насмеа. Но и ми раскажа една друга загрижувачка приказна. Ми рече, се сеќаваш ли на сторијата што ти ја пишуваше за еден друг македонски научник во САД кој исто така дојде во Македонија. Да, му реков. Е па и тој се враќа во Америка. Ја оставил работата овде. Зошто, го прашав. Добил некој странски грант благодарение на проект што тој самиот го осмислил за да ги задоволи строгите странски критериуми, но веднаш потоа откако разбрале неговите шефови овде почнале да му прават планови кого се' да вклучи во проектот за да зема пари. Го рекетирале, ми рече. Човекот толку се вознемирил што решил да се врати со семејството во САД иако се' уште немал најдено ни работа таму. Ќе седел кај роднини додека повторно не се вработи. И тој како и мојот пријател, при барањето работа се соочил со проблемот како да го објасни отсуството од научната сцена во САД каде работел пред доаѓањето во Македонија.
Овие две приказни сигурно не се единствени според својата содржина. Но сеедно, тие натажуваат. Се сетив на силните владини реклами за привлекување на инвестиции, за преведување на странски научни трудови во функција на едуцирање на македонски кадри, и се сетив на стипендиите што Владата ги доделува за студирање во странство со цел да го подигне нивото на образованост на студентите во согласност со развиените стандарди. Патешествието на двајцата врвни македонски научници (нивните имиња на гугл даваат оргомна листа на референци за достигнувања на полето на науката во САД), ме наведе на заклучокот дека сите владини залагања се попусти или уште полошо дека лесно кажуваат но тешко прават.
Јавно му се извинувам на човекот што ми раскажа за овие две случки. Тој побара тоа да не го споделувам со јавноста, но просто морав. Ако новинарот не раскаже таква приказна, не ја исполнил својата основна професионална обврска. Што се вели, една слика илјада зборови.
Бидејќи и за двајцата ликови од оваа денешна колумна своевремено пишував, првата работа што тогаш ја направив е да ги пронајдам на гугл. Кога видов к��и се и што се, се прашав што бараат овде. Првин мислев дека се работи за други луѓе. Потоа се прашав колку би ги платила македонската влада и држава. Никогаш не ги прашав тоа, но не е тешко да се претпостави дека не може ниту оддалеку да ги плати толку колку што ги плаќаат американските универзитети и истражувачки центри кои се по правило финансирани од нивната влада.
Уште една причина за разочарување е што Македонија, сите ние, нема ни да забележиме кога овие двајца врвни научници ќе ја напуштат нашата територија. А како и да забележиме кога сите сме зафатени со високи политики. Со какво име не' нарекуваат странските гости што доаѓаат, дали Грција одговорила на последните барања на Владата. И најважно од се' дежураме покрај грчките плажи за да откриеме кој ги предава македонските национални интереси и летува кај јужниот сосед.
Се враќам во САД меѓу другото и затоа што ми остана една незавршена работа таму, ми вели мојот соговорник. По терористичкиот напад врз кулите близначки, бил замолен од страна на Белата куќа да учествува во тимот за идентификација на жртвите. Еден дел од работа не е завршен и ќе се вратам да ја довршам, ми рече. Ми кажа и за новите професионални предизвици што го очекуваат по враќањето во САД. Темата на која ќе работи ме потсети на популарната американска серија "Закон и ред". Токму така, животот и работата што тој таму ќе ја работи, нам, мене ни изгледаат како на филм. За жал толку сме далеку од развиениот свет.
Затоа, не е ни чудо што ниту овие двајца научници не успејаа да се прилагодат на Македонија, ниту пак Македонија не успеа да се прилагоди на нивните потреби и барања. Како да сме едните од земјата, другите од Месечината. Можно ли е да е толкава разликата меѓу нас и нив. И, што воопшто сме постигнале како земја и како народ, ако не сме успеале да изградиме барем пристоен амбиент за работа и живот.
|
|
Статијата е прочитана 1932 пати.
|
Испрати коментар
|
|
melbourne, 11.07.2012 01:08:01 | Siguren sum deka sogovornikot ke ti prosti za objavuvanje na prikaznata,koja za zal e vistina.Ti znaes dvajca,a jas znam nekolku slicni kako niv.A za reket,pa se sto se otvora vo Makedonija e reketirano,kako npr.cheh otvora fabrika i odma mu se javuvaat koj ke bidi obezbeduvanje vo negovata firma,itn... |
| Oskar, 11.07.2012 07:10:54 | Znaenjeto e sila znaenjeto e mok no vo SAD ne vo MKD. Kaj nas ima mok partiskata kniska. Mojata kerka posle zavrsuvanje na medicina vo Sk. so prosek preku devet i deset godini usovrsuvanje vo stranstvo, magistratura vo Aberdin, doktorat vo Kembridj, 2,5 god. usovrsuvanje na vrven institut vo Wasington i dve godini rabota na King Koledjot vo London so mnogu trudovi objaveni vo stranski spisanija, se vrati vo zemjata i posle 1,5 god. sedenje doma bez rabota, se vraka povtorno vo SAD. |
| seirdzija, 11.07.2012 08:12:36 | Prikaznata e OK,oti ne gledam iminja a e poucna za ludjeto koi kako i Jas vlozivme golemi pari vo ovaa drzava.Nazalost Makedonija e predvodena od najgolemi lazgovci(kradci i lopovi),koi se odrzuvaat so besmisleni lagi.Patriotite ja nosat ovaa drzavicka vo isceznuvanje,pa taka sekakvo rusenje na ovaa vlast (makar i nasilno) e opravdano.Kako posledica na vakvo vladeenje ke sleduvaat godini na teska siromastija,a se nadevam deka storitelite ke gi stigne liceto na pravdata.... |
| kanagjanka, 11.07.2012 08:17:42 | Зарем трпи оваа влада умни луѓе до себе!?Да беше така се ќе беше поинаку.Истото ова го говореше еден познат хрватски научник, кој бил истеран од својата земја, а приклучен во тимот на Обама.Секој што е поумен од Груевски треба да се отстрани.Наскоро ќе владее со пола-милион необразовани и продадени македонци!Тоа што остана во владата, од странство донесено, не било ни за странство.Но знае ли овој народ нешто подобро? |
| Istocna Makedonija, 11.07.2012 08:30:39 | Sonja i pokraj ubavata i za nasa zal,realna statija,
da gi ostavime nasive koi se etablirale vo demokrat
ski razvieniot i orpsperiteten svet,da se ostanat TAMU.OVDE e cemer,taga,kataklizma.Steta za mla
dive.Malku povozrasnive,sredovecni vidovme nesto od zivotot. |
| Vodno, 11.07.2012 10:01:47 | Javi se Felix, bi bilo intersno da ja iskomentiras kolumnava so mesabnje na Satevci i babi i zabi. |
| dedo dimo, 11.07.2012 10:11:19 | A koj mozi da vi pomozi dragi Makedonci koga sve site korumpirani od glava do petici ,svee po vrski i za pari i makata svoja bi e prodale. Sekade vo svetot ima po neshto ali kajnas vo Makedomija toa e normalma stvar za sve a toa e bolno. |
| вербален командос, 11.07.2012 11:20:24 | Им требало четири години да сватат, дека се само парфем за нечиј бизнис кој смрди. |
| Селанец, 11.07.2012 15:01:37 | Ништо ново! Универзитетот за информатички технологии во Охрид во првите две години вработи, а потоа истера, десетина професори од странство. На некои без да им ги плати последните 2-3 плати и патните трошоци. А на тие што докажаа дека ректорот и проректорката извршиле плагијат им се закануваа со тужба за клевета. А Министерството за образование молчи. Зошто? |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 34°C
Ведро
|
Четврток
Делумно облачно
Макс: 38°C, Мин: 17°C
|
Петок
Сончево
Макс: 36°C, Мин: 18°C
|
|
|
|
|
|