05.07.2012, 17:27 Градовите загадени, Лазарополе рај за белите дробови
Во Скопје, Велес, Кавадарци, Кичево, Кочани...се дише најлошиот воздух загаден со сулфур и азотдиоксид, суспендирани честички и тешки метали
Сања Наумовска
На чист воздух одете во Лазарополе, а побегнете што подалеку од урбаните средини. Планинското село е едно од најчистите места во земјата, во кое се забележуваат најниските вредности на сите загадувачи на воздухот кои се мерат во нашата земја. Според податоците кои ги содржи Националниот план за заштита на амбиенталниот воздух, изработен од Министерството за животна средина, најлошо се дише во Скопје, Кочани, Кичево, Велес, Кавадарци и другите урбани средини. Состојбата е подобра во лето, а полоша во зима, кога турбо работат најголемите причинители на загадувањата, енергетскиот сектор, индустријата, транспортот, но и земјоделските активности и отпадот. Состојбата е особено критична во градовите каде што егзистираат поголемите индустриски капацитети. Лошиот воздух, полн со сулфурдиоксид, јаглеродмоноксид, суспендирани честички, тешки метали предизвикува и голем број болести, регистрирани токму кај жителите на урбаните средини.
Дека Лазарополе е идеално прибежиште за обновување на белите дробови потврдуваат податоците од Националниот план во кој ова место има најниска просечна годишна концентрација на сулфурдиоксид, азотдиоксид и суспендирани честички. Во Кочани се измерени речиси шестпати поголеми вредности на сулфур диоксид, а во Кичево речиси триесет пати повеќе присуство на азотдиоксид. Најголема концентрација на честички има во скопско Лисиче, четирипати повеќе отколку од Лазарополе.
Според Светската здравствена организација, урбаното аерозагадување е директна причина за повеќе од 2 милиони предвремени смртни случаи во светот. Од здравствената организација советуваат дека загадениот внатрешен воздух во затворени простории е исто штетен како и издувните гасови од автомобилите или оџаците на фабриките. Тие треба да се избегнуваат со почести престои на планини и други чисти средини.
Македонија, како една од земјите во развој, подолго време страда од модерната болест која го следи технолошкиот развој и концентрирањето на луѓето во градовите. Така, според податоците презентирани во Националниот план, во Кавадарци и во Јегуновце се измерени критични вредности на арсен, а во овој град се надминати граничните вредности и на концентрациите на никел. Овој метал во загрижувачки количини е измерен и во Скопје и во Велес. Горниот праг на оценување, според Националниот план, го надминуваат и количините на кадмиум, и тоа повторно во Кавадарци, Скопје и Велес.
Убедливо најголем непријател на чистиот воздух во градовите се производните капацитети за електрична и топлинска енергија од кои се емитираат 88 проценти од јаглеродниот диоксид. Производството на струја и топлинска енергија се рекордери и во испуштањето азотни оксиди во воздухот, а не се занемарливи ниту емисиите од патниот сообраќај.
Податоците во Националниот план потврдуваат дека „Макстил“, „Скопски легури“, „Фени“, „Силмак“ се најголемите произведувачи на суспендирани честички во воздухот. Нивното зголемено присуство предизвикува дури и смртни случаи.
„Кога концентрацијата на суспендирани честички би се намалила за пет микрограми на кубен метар, бројот на смртни случаи годишно ќе се намали за 13, а со намалување на концентрацијата за 20 микрограми на кубен метар, би се избегнале дури 117 смртни случаи“, вели Славјанка Пејчиновска- Андонова, консултант во Министерството за животна средина.
Според Националниот план, Македонија до 2015 година за заштита на амбиентниот воздух ќе треба да инвестира над 400 милиони евра.
„Здравјето нема цена. Не треба да се усвојуваат планови без финансиски импликации врз државата или врз локалната самоуправа, како и врз индустријата“, вели Драган Ѓорѓев од Републичкиот завод за здравствена заштита. |