11.04.2012, 17:24 ВМРО-ДПМНЕ се уште му врти грб на Глигоров
Владејачките пратеници нема да гласаат „за“ иницијативата да се установи државна награда во чест на првиот шеф на државата
Александра М. Митевска
СДСМ тешко ќе обезбеди доволно гласови за поддршка на предлогот што го поднесе деновиве во парламентот - да се установи нова државна награда во чест на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров. Иако за законско регулирање на оваа иницијатива е потребно просто мнозинство, гласовите на ВМРО-ДПМНЕ би можеле да бидат одлучувачки да не се случи тоа.
Од ВМРО-ДПМНЕ ни потврдија вчера дека нема да го поддржат предлогот на опозиционерите, кога тој ќе биде ставен на собраниска седница. Пратеничката група на владејачката партија, единствено, се' уште не одлучила дали ќе гласа „против“ или „воздржано“.
ВМРО-ДПМНЕ, сепак, веќе ја потврди својата „воздржаност“ околу улогата на Глигоров во современата македонска историја и неговите придонеси за плуралниот и демократски развој на новата држава. Првата иницијатива на СДСМ - објектот на Македонската опера и балет да го носи името на Киро Глигоров трет месец фаќа прав во владините архиви, иако првичната реакција на ВМРО-ДПМНЕ беше дека предлогот е коректен.
Од владејачката партија велат сега дека генерациите што доаѓаат треба да изградат став за минатото и дека е доволно што една скопска улица (од околу 300 улица што ќе се преименуваат во главниот град) ќе го носи неговото име. Се' уште не се знае за која улица, во кој дел од Скопје, станува збор.
„Цениме дека за секоја дополнителна иницијатива треба да помине доволно време некои други наредни генерации да ја дадат својата процена и да изградат став за минатото“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ веднаш по објавувањето на иницијативата на СДСМ за воведување награда „Киро Глигоров“, која би се доделувала на 8 Септември, како највисоко признание за меѓународна афирмација на Македонија, заштита на државните интереси, промоција на човековите права и демократијата...
Од СД��М, пак, сметаат дека е недозволиво одбележувањето на ликот и делото на првиот претседател на независна Македонија да се става во една пакет-иницијатива за промена на имињата на 300 улици во Скопје, која, како што велат, сама по себе предизвика огромни контроверзии во јавноста. „Не може претседателот Киро Глигоров да се става во пакет со Тодор Александров. Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ги надмине теснопартиските интереси и да покаже почит и кон историското наследство на оваа држава и кон институцијата претседател“, реагираа социјалдемократите.
Јани Макрадули, член на Извршниот одбор на СДСМ, праша вчера која била логиката на власта да го одбие предлогот, како што рече, за достоинствено и соодветно одбележување на ликот и делото на првиот претседател на независна Македонија, кога во исто време планирала да го величи оној што учествувал директно во разнебитувањето на Македонија во 1913 година (Симеон Радев).
Глигоров почина во јануари годинава на 94 години. На погребот не дојдоа претставници на Владата, откако семејството реши да ја испочитува последната желба на Глигоров - неговото испраќање да биде без државни и црковни почести. Во кабинетот на поранешниот претседател (во периодот 1991-1999) и на адреса на семејството на Глигоров тогаш пристигнаа многу телеграми со сочувство од многу светски државници, кои му оддадоа признание на првиот македонски претседател за важната улога што ја одигра во разрешувањето на југословенската криза и за осамостојувањето на нашата држава по мирен пат.
„Ќе помине време пред придонесите на Глигоров да бидат признаени во неговата проблематична татковина“, напиша поранешниот американски амбасадор во Македонија, Кристофер Хил, во колумна посветена на првиот македонски претседател. |