02.02.2012, 17:08 Војската ќе си подари химна за роденден
Министерството за одбрана бара во химната да биде содржан македонскиот фолклор и да биде изводлива за дувачки оркестар
Деспина Трајковска
Македонската армија ќе добие официјална химна, но и фанфари. И нашата војска, како речиси сите во светот, ќе има сопствена химна. Министерството за одбрана веќе бара автор, кој ќе ги компонира музичките симболи на АРМ. Планирано е тие да се промовираат на 18 август, на дваесетгодишнината на македонската армија. Токму јубилејот е причина што Министерството за одбрана одлучило да одбере официјална химна.
Во тек е повик за заинтересирани автори кои имаат можност во наредниве два месеца да конкурираат со предлози. Можат да учествуваат само домашни автори. Тие ќе треба да подготват химна која нема да биде подолга од две минути и ќе биде приспособлива за изведба на дувачки воен оркестар. Таа задолжително треба да содржи македонски фолклор со свечена нота. Од ресорното министерство не инсистираат химната да биде инструментална или, пак, да содржи и текст, тоа е оставено на идејата на авторите.
Освен химната, планирано е војската да добие и фанфари-кратки најавни музички обраќања. Од министерството наведуваат дека една фанфара нема да биде подолга од 30 секунди, а бараат идејно решение за четири четворогласни фанфари кои ќе ги изведуваат лимени дувачки инструменти.
Надлежните органи се надеваат дека конкурсот ќе биде успешен со што ќе се реализира долгогодишната идеја војската да добие сопствена химна.
„Досега имаше неколку обиди за избор на музички симболи кои не се реализира од различни причини. Се надеваме дека овој пат ќе успееме. Јубилејот е вистинска причина за тоа. Цврсто сме решени да избереме химна што ќе биде општо прифатена. Така, и ние, по примерот на војските од европските земји, ќе имаме сопствена препознатлива химна“, вели Мирче Ѓорговски, портпарол во АРМ. Тој вели дека е планирано да се интонира речиси на сите настани и свечености на војската. Според правилата, објаснува Ѓорговски, таа ќе се изведува по националната химна.
За најуспешните трудови министерството има подготвено скромен паричен награден фонд. Авторот на избраното идејно решение ќе добие 30.000 денари, второпласираниот 20.000, а, пак, авторот на трудот што ќе биде третопласиран ќе добие парична награда од 10.000 денари. Планирана е и една откупна награда од 5.000 денари.
Пристигнатите идејни решенија ќе ги оценува комисија од Министерството за одбрана. |