08.08.2012, 17:22 Уставен суд ќе одлучува за парното греење
ЛДП го скрши мразот и поднесе иницијатива за стопирање на новите правила за парното што ги воведе Регулаторната комисија за енергетика
Маја Томиќ
Парното греење поскапи од овој месец за 4 отсто, но тоа им зададе помалку главоболки на граѓаните од новите правила за приклучување и исклучување од парното, како и ретроактивното плаќање на надоместот и без да се користи ова греење.
И додека граѓаните и институциите за заштита на нивните права се' уште размислуваат за конкретни иницијативи против одлуките на Регулаторната комисија за енергетика за парното, како и за струјата, Либерално-демократската партија го скрши мразот. Таа вчера поднесена иницијатива до Уставен суд за оцена на уставноста и законитоста на новите правила за снабдување со топлинска енергија, и тоа по итна постапка. Според ЛДП, а на што се согласни и големиот број корисници, причината за тоа е огромниот и оправдан револт на граѓаните кој може да добие сериозни размери.
„Бараме од Уставен суд да донесе привремена мерка за стопирање на примената на новите правила за снабдување со топлинска енергија, се' до донесување на конечната одлука на Судот. Дополнителна причина за носење брза одлука е фактот што Уставниот суд пред неколку години веќе има донесена одлука со која се укинаа актите што предвидуваат наплата на парното на оние корисници кои се исклучиле“, рече Зоран Шапуриќ на вчерашната прес-конференција. Истовремено, тој ги повика Народниот правобранител и Организацијата на потрошувачите да застанат во одбрана на правата на граѓаните.
Инаку, во иницијативата на ЛДП се оспорува уставноста и законитоста на членовите 13, 18, и 53 и 54 од новиот Правилник за снабдување со топлинска енергија. Се реагира на тоа што се штити монополската положба на „Топлификација“ во случајот кога, со согласност на куќните совети, може да се прави промена во статусот на потрошувачот, без компанијата да изврши увид во грејниот простор. Односно, можноста „Топлификација“ по своја слободна процена да констатира дали некој е приклучен неовластено, без да изврши каква било проверка.
Се бара и проверка на уставноста за обврската за плаќање надомест на „Топлификација“ и за делови од станбени згради кои воопшто не се затоплуваат, како што се скали, ходници, подруми и тавани, односно таму не се испорачува топлинска енергија.
„Барањето, пак, за согласност од 80 отсто од станарите ако некој сака да се исклучи од парното, е практично невозможно во големите станбени објекти. И со ова, спротивно на Уставот, се штити монополска положба на ’Топлификација’, стои во иницијативата на ЛДП.
Со обврската, пак, за плаќање на фиксен надомест за топлинска енергија по цена од 10 денари за квадратен метар за исклучените корисници и тоа ретроактивно, „Топлификација“ собира средства за услуга која не им ја дава на граѓаните, што е исто така, спротивно на Уставот и е во функција на заштита на нејзината монополска позиција.
„Ова е веќе еднаш пресудена работа и треба да го олесни донесувањето на одлуката на Уставен суд. Потенцираме дека пред неколку години Уставен укина повеќе одредби од некои акти кои предвидуваа да се наплатува и за неиспорачана топлинска енергија, односно да плаќаат и потрошувачите кои се исклучени од системот“, констатира ЛДП.
|