12.06.2012, 17:31 Мое ќоше
Кој го избриша Стив Наумов
Ерол Ризаов
Денес чекам народниот херој Стив да се врати на старата адреса каде што живее споменот и благодарноста за неговата саможртва
Јавно ги прашувам патриотите што ја бришат македонската историја зошто им попречи Стив Наумов та му ја зедоа улицата и му ја препишаа на Филип Втори. Со кој ум го сторија ова злосторство убивајќи го по втор пат народниот херој кој на 22-годишна возраст го стави својот живот на олтарот на слободата за татковината. Првиот пат Стив се самоуби како херој пред тортурата на фашистите. Вториот пат деновиве во слободна и независна Македонија го убија кукавички новите патриоти кои не помирисале барут. Јавно ги прашувам претседателот Ѓорги Иванов и премиерот Никола Груевски како ќе го бранат уставното име на државата и националниот идентитет ако нивните сопартијци со срамна леснотија ги бришат имињата на оние што загинале за Македонија и со своја крв го бетонирале македонскиот национален идентитет. И претседателот и премиерот на државата, убеден сум, знаат кој се браќата Стив и Ѓорги Наумов и како и зошто завршија нивните млади животи.
Има ли нешто повозвишено, посвето, поголемо, поскапо, подрагоцено, похрабро отколку да се даде свесно животот за татковината, во борбата за слобода на својот народ. Без таквата саможртва нема идентитет, нема држава, нема Македонија. Знаат ли овие мрсулковци колку луѓе ги дадоа своите животи за тие да можат со кревање два прста да им ги бришат имињата. Стив и Ѓорги Наумов се само двајца од плејадата херои кои имаат живи роднини и потомци. Знаат ли колку се уште свежи тие рани. Внукот на Стив деновиве разочарано ми вели: поголема е болката од сознанието за рамнодушноста на нацијата за залудноста на жртвите на моите вујковци отколку солзите на нивната мајка за загубе��ите чеда. Со години ја тешевме со чувството на гордост дека родила двајца херои и дека ништо не е малку за Македонија. А, сега ни ги избришаа Стив и Ѓорги, па кога веќе тргнале, нека го преименуваат и училиштето „Стив Наумов“ и да видиме до каде ќе стигнат, ми вели крајно резигнирано внукот на Стив и Ѓорги.
Што ми преостанува друго освен правото на гласност од моето ќоше. Разумот вели не може да се брише историја. Сигурен сум дека еден ден Македонија ќе ги препознае повторно своите јунаци и херои. Секогаш било така во историјата. Кога-тогаш татковината ќе им врати на оние што ги бришат свесно трајните вредности.
Ова време на идеолошко и политичко превреднување на историјата ќе помине. Како и многупати досега, Македонија, навистина бавно и тешко, но ќе ги одболедува последиците од потрагата по пославно минато на сметка на вистинските херои. Се' ќе си дојде на своето место, како што тоа непогрешно секогаш го прави науката. Но, во колективното паметење на народот ќе остане ерата кога срамно се бришеле вистинските вредности. Еве како тоа изгледа во оригинал во една обична бирократска реченица: Досегашните улици „Стив Наумов“ и „Војвода Васил Аџиларски“ со оглед на правецот на протегање се спојуваат во една улица која ќе го носи името „Филип Втори“. Кое протегање, кој правец, несреќи едни. Дали овие луѓе што одлучиле нешто вакво можат да претпостават што се се крие зад оваа бесмисленост, примитивизам и провинционализам. Нашата рамнодушност кон ова сквернавење на националниот идентитет не е помала одговорност од онаа на оние што го прават ова злодело.
Кампањското, политичко и идеолошко именување и преименување на улиците е тажна сторија за нас самите, а не за нашите херои. Додека, пак, бришењето на имињата на луѓето кои ја создале оваа држава со своја крв и живот одново го проблематизира болното прашање дали ја оправдавме самостојноста на Македонија. Генерациите што ја добиј�� независноста на државата без ниту една жртва и без ниту еден испукан куршум лесно ја бришат историјата на татковината која првпат како современа нација - држава е основана со одлука на АСНОМ 1944 година по четиригодишна антифашистичка војна. Тие луѓе заслужија своја држава, како вековен стремеж. Тоа скапо го платија. Нивните следбеници што ја добија државата на тацна, бадијала, уште не можат да ја оправдаат, па можеби затоа со леснотија ги бришат имињата од се' уште крвавите основачки акти на државата. Од кај знаат деца колку тежи еден живот, а не 25.000 дадени за слобода на Македонија.
Денес, сепак, очекувам Стив Наумов да се врати дома на старата адреса каде што живеат споменот и благодарноста за неговата саможртва. На новите јунаци нека им ги дадат новите улици, ако ги изградат. Ако има малку совест и свест, тоа ќе се случи со должно извинување до нацијата. |