12.06.2012, 17:30 Десет номинации од СДСМ за градоначалник на Штип
Иван Бојаџиски
Штип – Здравко Коцев, Маринела Тушева, Влатко Милошевски, Санде Џамбазовски се штипјани чии имиња се споменуваат како најсериозни за кандидат од СДСМ за градоначалничката функција. Зад Коцев стои исклучителна партиска биографија. Беше претседател на разгранокот на партијата, кандидат за градоначалник во 2009 година, а сега е координатор за Третата изборна единица. Тушева е актуелна пратеничка, Милошевски е претседател на Општинската организација на СДСМ, а Санде Џамбазовски е поранешен државен секретар во Министерството за земјоделство.
„Имавме отворена дебата во сите 52 месни организации на партијата, при што членството издвои 10 наши сопартијци како личности кои заслужуваат да се натпреваруваат за градоначалник на Штип“, ни изјави локалниот лидер Влатко Милошевски, кој не сакаше да споменува имиња, бидејќи, како што вели, процедурата се' уште не е завршена.
Сепак, во штипската јавност се зборува дека Коцев имал најмногу шанси да се соочи со кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и на идните локални избори.
„Статутот ни налага за номинациите да се изјасни кадровската комисија, а потоа и Извршниот одбор. Конечниот збор го имаат највисоките органи на партијата во Скопје, појаснува Милошевски.
По Коцев, како најсериозен можен кандидат се споменува Џамбазовски, кој е познат стопанственик, а во СДСМ е од формирањето на партијата. Најмалку шанси и' се даваат на пратеничката Тушева, која има мало работно искуство. Милошевски е максилофацијален хирург и за него се говори дека партијата го подготвува за некои идни локални избори. Претстојниот викенд во Штип ќе престојува највисокото раководството на социјалдемократите, кои во недела овде ќе одржат протестен митинг. |