16.07.2012, 19:13 Едиторијал
Државата ќе замириса на асфалт
Сања Наумовска
Македонските градежници нема да видат одмор летово, а цела држава ќе замириса на нов асфалт.Владата викендов најави ударничка агенда на изградба на нови и реконструкција на постојните патишта. За пет месеци, од јули до ноември, планираат да изградат и реконструираат 76 локални патишта со вкупна должина од 176 километри и четири регионални патишта со должина од 74 километри. За амбициозниот проект се планирани околу 25 милиони евра.
Се чини дека плановите за изградба на патна инфраструктура последниве години не се број еден на агендата на надлежните институции, па оваа најава дојде некако изненадувачки. Ни помалку ни повеќе туку речиси 80 патишта за неколку месеци. Да се градеше така пат, што би се рекло „на ура“, веројатно досега ќе немаше ниту едно село до кое и во денешно време се доаѓа само на магаре.
Амбициозните планови на Владата не завршуваат тука, па најавуваат и дополнителни нови 32 локални патишта во Пелагонискиот, Југозападниот, Полошкиот и Скопскиот регион, а на почетокот на август ќе се бараат изведувачи за плус околу 60 локални патни правци низ целата држава. Нивната изградба се најавува да започне на крајот на оваа година.
Во жешкото градежно лето според најавите треба да бидат готови и четирите регионални патни правци Струга-Дебар, Кавадарци-Мушов Гроб, Ангелци-Вељуса-Водоча-Баница и Радовиш-Конче-Лубница.
По долгата пауза, во која ниту еден сериозен проект не е сработен во оваа област, Владата сака да ја надомести за неколку месеци. Драгоцено време, последниве неколку години се изгуби најмногу на тендери кои пропаѓаа заради неатрактивноста на нашите патишта.
Се правеа големи планови, без конкретна реализација. И сега, наместо на плановите за изградба на автопати, повторно акцентот се става на патишта од помало значење. Несомнено, заради претстојните локални избори. Познато е дека инфраструктурните проекти секогаш добро поминуваат кај граѓаните. Особено кај оние со право на глас, бидејќи по нов пат полесно и побрзо се стигнува до изборното место.
Иако веќе завлеговме во втората половина на месецот, во јули, како што најави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, треба да се направат 25 локални патишта со должина од 54 километри, а инвестиција тежи 4,54 милиони евра. Во просек, тоа се патни правци од нешто повеќе од 2 километри. Сепак, и за нив, тајмингот за изградба или пак за реконстриукција, од петнаесетина дена е најблаго кажано, премногу амбициозен. Ударнички план Владата има и за август кога ќе градат 26 локални патишта со должина од 62 километри за 4,78 милиони евра. Градежните работи продолжуваат до ноември, до кога треба да се постави речиси 250 километри асфалт низ целата држава. Колку за споредба, во првите 6 месеци годинава биле изградени 24 локални патчиња од само 45 километри.
Кој ќе ги изгради сите овие патишта е едно прашање, а со каков квалитет ќе бидат направени за толку кратко време е второто. Ќе биде ли тоа само замачкување очи со еден слој асфалт на кој уште оваа зима ќе се појават првите дупки? Неспорно е дека на Македонија и недостасува голем дел од патната мрежа и дека сите овие проекти се добредојдени. Сепак, познавајќи ги нашите прилики каде патишта се прават еднаш на неколку децении, граѓаните заслужуваат да добијат квалитетна инфраструктура, а не пат кој ќе трае колку до следните избори. |