18.07.2012, 20:55 Нетанјаху го обвини Иран за експлозијата во Бугарија
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Иран дека стои зад експлозијата на автобус со израелски туристи на аеродромот во бугарскиот црноморски град Бургас, при што загинаа три лица, и истакна дека Израел ќе реагира на ударот.
- Сите знаци водат до Иран, изјави Нетанјаху. Само во изминатите неколку месеци видовме ирански обиди за напад врз Израелци во Тајланд, Индија, Грузија, Кенија, Кипар и други места. Точно 18 години по експлозијата во Еврејскиот центар во Аргентина, иранскиот терор продолжува да зема невини жртви. Тоа е ирански терористички напад, кој се протега низ целиот свет. Израел ќе реагира моќно пртив иранскиот терор, се наведува во соопштението на кабинетот на Нетанјаху.
На 18 јули 1994 година Хезболах подметна експлозија во Еврејскиот центар во Буенос Аирес, при што загинаа 86 лица.
Медиумите потсетуваат дека на 5 јануари се појавија информации дека израелските власти стравуваат од терористички напади врз Израелци во Бугарија, во организација на либанската шиитска организација Хезболах, поддржана од Иран, за одмазда за убиството на нејзиниот функционер Имад Мугне.
|