18.07.2012, 13:54 Најбараниот нацистички злосторник уапсен во Будимпешта
Најбараниот жив нацист, обвинет за воени злосторства Ласло Чатари е уапсен во Будимпешта, соопшти денеска обвинителството во унгарскиот главен град.
Чатари бил началник на полицијата во еврејското гето во словачкиот град Кошице, каде 15.700 евреи биле убиени или депортирани во логорот Аушвиц во Полска за време на нацистичката окупација на тогашна Чехословачка.
Обвинителството на Будимпешта соопшти дека подоцна денеска ќе одржи прес-конференција во врска со апсењето на Чатари.
Тој во Будимпешта живее веќе 17 години под вистинскиот идентитет и покрај информациите за неговото минато, предадени на унгарското правосудство од Центарот „Симон Визентал“ со седиште во Ерусалим, пред повеќе од десет месеци.
Врз основа на сведочењата од Центарот, новинари од британскиот весник „Сан“ ги откриле трагите на поранешниот началник на полицијата и дури успеале да го сретнат. Според написот објавен на 15 јули на сајтот на весникот, Чатари им рекол на новинарите: „Не сум направил ништо, Тргнете ми се!“, по што им ја треснал вратата и повеќе не им отворил.
Центарот кој е наречен по познатиот истражувач на нацистите, австирскиот евреин Симон Визентал, кој почина во 2005 година, во април го стави Чатари на првото место на списокот на најбараните во светот нацистички воени злосторници.
Пред да се врати во Будимпешта, Чатари, кој во 1948 година бил осуден во отсуство на смртна казна во Чехословачка, живеел во Монтреал и Торонто, каде се претставувал под лажен идентитет како трговец на уметнички дела. Во 1995 година канадските власти го откриле неговиот вистински идентитет и тогаш тој избегал во својата татковина. Тој им признал на канадските иследниците дека учествувал во депортирањето на евреи, но напоменал дека неговата улога била ограничена. |