19.07.2012, 11:44 Огнен пекол во Грција
Не стивнуваат шумските пожари на полуостровот Пелопонес, на островот Крит и во регионот на Коринт во Грција. Евакуирани се села и е прогласена вонредна состојба.
Шест од вкупно осум авиони „Канадер“ се оштетени и се повлечени од гаснењето, има настрадани пожарниакри, кои се хоспитализирани, соопштуваат денеска медиумите во Атина.
Огнот во областа Ахаја, северно од градот Патра, на полуостровот Пелопонес, беснее од вчера и досега уништил ниви и насади. Во некои региони на областа е прогласена вонредна состојба.
Вчера биле евакуирани и жители од село во близина на градот Ханија, на островот Крит, откако огнот стигнал до првите куќи на населеното место. Властите прогласија тревога дека пожарот е надвор од контрола.
Четвртти ден беснее и пожарот во регионот на Коринт, уништувајќи стотици декари шумски површини. Силните ветрови и големиот број огништа ја отежнуваат работата на пожарникарите. Во борбата со пламените јазици учествуваат копнени и воздушни средства и армиски единици. Испратени се возила и пожарникари од други региони.
Во оперативниот центар на противпожарната служба се наоѓа и министерот за општествен ред и заштита на граѓаните Никос Дендиас.
За голема опасност од пожари денеска предупредува и грчката Цивилна заштита. Како региони во опасност повторно се посочуваат полуостровот Пелопонес, северниот дел на Егејско море, областа Атика и островот Крит.
|