17.07.2012, 22:15 (ФОТО) „Среќни вести“ му донесе нов дом на Јовица Митиќ
Клучевите од станот на свеченоста во „Александар палас“ му ги доделија генералниот директор на Државна лотарија, Владимир Бахчовановски и извршниот директор на „Медиа Принт Македонија“, Виктор Доневски
Скопјанецот Јовица Митиќ и официјално ја прими највисоката добивка на „Среќни вести“. Петте недобитни лозови од играта на среќа на Државна лотарија на Македонија и дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“ на службеникот од Скопје му донесоа стан од 55 квадрати во скопската населба Припор.
Клучевите од станот на свеченоста во хотелот „Александар палас“ му ги доделија генералниот директор на Државна лотарија на Македонија, Владимир Бахчовановски и извршниот директор на „Медиа Принт Македонија“, Виктор Доневски.
Доделувањето на премијата следеше една недела по големото извлекување во емисијата „Џамбо бинго“, со што по четири месеци беше комплетирана „Среќни вести“ со 15 автомобили и 16.000 дополнителни награди. Извлечените возила „Цитроен Ц1“ ќе се возат низ Берово, Велес, Охрид, Прилеп, Македонска Каменица, Раштак и Скопје. Експрес лозот „Среќни вести“ со претпознатлив симбол со детелина со четири листа од 19 март годинава беше залепен на секој примерок од весниците „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“.
„Добивките кои не биле подигнати, заедно со „МПМ“ќе бидат дадени во хуманитарни цели“, најави новоименуваниот директор на Државната лотарија на Македонија, Владимир Бахчовановски.
Виктор Доневски, пак, рече дека возбудата е иста како и пред четири месеци кога на ова место ја почнуваа играта.
„Се заблагодарувам на Државната лотарија, на нивниот професионализам, но и на сите наши читатели. Играта на среќа ’Среќни вести’ го даде својот ефект особено на крајот. Огромниот број коверти на последното излвлекување беа доказ дека сме ја оствариле целта, дека сме влегле во секој дом“, рече извршниот директор на „Медиа Принт Македонија“.
Митиќ: Со години редовно читам „Утрински“
Добитникот на главната премија, службеник по професија, се уште не знае дали ќе го продава досегашниот стан од 75 квадрати и ќе се пресели во новиот во Припор. Иако вели дека секој кој учествува во игра на среќа по малку се надева дека кај него ќе падне финалната награда, сепак, тој е видно изненаден и среќен за добивката. Досега не направил некоја славеничка забава со пријателите, но чека можност за поголем собир токму во новиот стан. Долги години наназад постојано ги следи содржините на „Утрински Весник“.
„Со првото кафе прелистувам повеќе печатени весници, но редовно читам „Утрински“. Ми се допаѓа целиот концепт и тематиките на весникот. Сакам да читам најразлични содржини од рубрики кака „Македонија“, „Економија“, „Култура“... (Б.Ш.)
|